Македонско-австралиското 3-Block Studio направи анимиран филм за глобалниот карантин
Огромен број од светската популација изминативе недели поради корона вирусот радикално го промени секојдневниот живот, а секоја индивидуа на свој начин се соочи со изолацијата. Работејќи надвор од традиционалниот канцелариски простор, македонско-австралиското 3-Block Studio го изработи Quarantine, краток анимиран филм за глобалниот карантин поради пандемијата.
- Иако сме навикнати на работа надвор од канцеларија, целата ситуација малку ни ги изремети студиските ангажмани, но за среќа, денес сè што е потребно за ваков начин на работа е компјутер, интернет, добра екипа и малку креативност. Сепак, како и кај повеќето, така и нас, ни се појавија неочекувани промени во ритамот, па ни се отвори простор за експериментирање на наши проекти и оттаму се роди идејата за приказната - вели Михаил Наумов.

Зад филмот стои петчлена екипа.Приказната е на Јакоб Ниланд, Михаил Наумов, Љубомир Саздовски и Иван Андреевски, кој, исто така, е режисер и потписник на сценариото. Арт дирекцијата и дизајнот се на Наумов и Саздовски, кој е одговорен и за моделирањето и осветлувањето. Монтажата и анимацијата се на Наумов, а Андреевски стои зад саунд дизајнот. Музиката е на Владимир Петковиќ.

