Македонија не прифаќа замена за тутунот, од него живеат 40.000 семејства
Македонија нема да прифати замена на тутунот со друга земјоделска култура ако претходно научно и практично не се докаже дека нејзиното одгледување би било исто толку исплатливо и соодветно од аспект на специфичните климатски, почвени и агро услови.
Ова денеска го соопштија во Стопанската комора на Македонија. Државата останува на овој, непроменет став во однос на барањата на Светската здравствена организација (СЗО) и повторно ќе го изнесе на претстојниот состанок на работните групи во Индија.
Активностите на СЗО ќе имаат делумно влијание на подолг период, но засега очекувањата за македонската тутунска индустрија се стабилизирано производство со помали осцилации зависно од барањата на откупните компании, подобар квалитет и ист број производители кои ќе бидат во можност да го зголемат производството.
„Македонија нема да прифати замена со друга земјоделска култура според предложените методологии и пилот проекти зашто тие во целост не можат да гарантираат егзистенција на околу 40.000 семејства како што моментно овозможува одгледувањето на тутунот. И натаму инсистираме на неприфаќање на која било методолгоија што не гарантира сигурност и профитабилност за фармерите. Исто така, пред да бидат дефинирани условите и методологијата за замена на тутунот со друга култура, треба да се земат предвид климатските услови во различните области во кои тутунот се одгледува. Зависно од климатските и агро условите, не е можно одгледување иста култура“-вели Васко Ристовски од комората.
Во земјава од тутунот моментно живеат околу 40.000 семејства. Годинава, тутунот постигна извонредно висока откупна цена, 185 денари за килограм, или 58% повеќе во однос на ланската од 117 денари. Квалитетот беше одличен, но реколтата отстапи за 25 до 30 проценти во однос на очекувањата на компаниите чии проекции беа 24.000 тони. Откупени се 19.000 тони или 24% помалку од претходната реколта. Склучени се 6.000 договори помалку од лани поради намалената побарувачка.
Слично
