Македонија 2025 по втор пат го објавува Индексот на бирократија – една компанија троши 146,5 часа годишно на бирократски процедури
Индексот на бирократија е намален за неколку часа
годинава во споредба со минатата година, покажуваат пресметките на Индексот на
бирократија. На Меѓународниот ден за борба против бирократијата (29
септември), Македонија2025 по вторпат јавно го објавува пресметаниот Индекс на
бирократија за Македонија. Пресметката на Индексот на бирократија е дел од проектот
„Кон намалување на бирократскиот товар“, чија главна цел
e да се измери овој товар врз
компаниите, и да се предложат мерки и реформи за намалување на истиот.
Тековниот проект е насочен кон идентификација и предлог за елиминирање на
регулацијата и надворешните услови кои го ограничуваат развојот на македонските
претпријатија. На настанот, експерти, претставници на организацијата, бизнис
секторот и Владата дадоа личен осврт на темата и корисни препораки за
креаторите на политиките.

Пред присутните, Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025 го презентираше концептот и важноста на проектот „Кон намалување на бирократскиот товар“, вклучително и на Индексот на бирократија – „Индексот на бирократија 2021, кој го опфаќаше истражувачкиот период јануари-декември 2020 год, утврди дека едно претпријатие во земјава троши 146,5 часа годишно, и поминува низ 45 процедури и чекори за да биде целосно усогласено со домашното законодавство. Индексот на бирократија за нашата земја во однос на пресметката од минатата година е намален за неколку часа, а главните промени што придонесуваат за подобрување на македонските резултати се помалку законски измени, односно одложена примена на дел од законската регулатива поради пандемијата со Ковид-19. И оваа година Индексот на бирократија се пресметува за неколку земји-членки на ЕУ, како Словачкаи Чешка. Притоа, исто како и при претходните пресметки, претпријатијата во Македонија се соочуваат со најмалку бирократија меѓу земјите за кои се пресметува Индексот, односно, претпријатие во Словачка троши 225 часа годишно, а во Чешка дури 273 часа. За двете земји за овој пресметковен Индекс е нотирано зголемување на бирократските обврски кое е најмногу поврзано со справувањето на земјите со новата реалност, односно воведување на задолжителни Ковид прегледи за вработените. Со овој проект, Македонија2025 ги продолжува и засилува своите активности и програми за унапредување на конкурентноста и растот на македонските компании.“ - нагласи М. Блажевски.

Според вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во период од една година направени се сериозни исчекори за олеснување на бирократските процедури, но може да се направи уште повеќе. „И не само што можеме, туку ние тоа и го правиме. Во овој меѓупериод од една година преземени се сериозни чекори во насока на поефикасна и поефективна администрација и намалување на бирократските процедури. Тоа го правиме и на оперативно и на стратешко ниво.Најголем дел од препораките во Извештајот на Македонија2025, се веќе детектирани од страна на Владата и се работи на нив.“, изјави Битиќи пред почетокот на денешната презентација на Индексот на бирократија.
За методологијата, структурата и областите на Индексот, подетално објасни Сашо Клековски, аналитичар и стручен соработник, кој ги презентираше резултатите и предизвиците при истражувањето, со првични препораки и насоки за намалување на бирократскиот товар. „Индексот на бирократија е пресметан врз база на однапред утврдена методологија, во соработка со експерти од различни области и анкети спроведени со претпријатија. Индексот е поделен во 4 категории: работни односи; оперативно работење; категорија друго (водење на архива, регистрација на пост-терминал итн.) и трошоци/обврски поврзани со промена на законска регулатива. Македонските претпријатија најмногу време, 63,5 часа годишно, трошат на усогласеност во делот на работни односи, што опфаќа обврски за пресметка на плата и администрацијата околу вработувањето. Но, во 2021 година станаа ефективни две нови регулативи кои ќе доведат до зголемување на бирократскиот товар, и тоа: Регистрација на „вистински сопственик“ и регулатива поврзано со примена на Законот за заштита на лични податоци. Наша проценка е дека овие две нови обврски ќе го зголемат бирократскиот товар на претпријатија за дополнителни 12,5 часа.“ – објаснува Клековски.
Во следната фаза на проектот ќе бидат преземени активности во насока на подготовка на конкретен акциски план на мерки за намалување на бирократските процедури и трошоци за компаниите.
