Листеријата дошла преку сувомесни производи?
Надлежните уште го бараат изворот на заразата со опасната бактерија листерија, од која починаа четири лица. Се сомневаат дека најверојатно причинител на болеста листериоза е некој сувомесен производ. Не се исклучува можноста бактеријата да била пренесена низ цела Македонија преку еден ист производ кој бил дистрибуиран во повеќе градови.
„Се сомневаме дека е можно бактеријата да е во некој сувомесен производ. Две лица од вкупно седум што беа заразени јаделе сувомесни производи во критичниот период, за останатите не знаеме“, вели д-р Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна заштита при Министерството за здравство.
Од комисијата за заразни болести велат дека досега се пристигнати 100 мостри од месните индустрии, 28 примероци од млеко за новороденчиња, како и 20 мостри од млечни производи. Првите два анализирани примероци се негативни, а за останатите надлежните очекуваат резултати до крајот на неделата.
Листеријата ноќеска ја однесе четвртата жртва - 55-годишна пациентка која боледувала и од псоријаза и која месец и половина се борела со воспаление на мозокот предизвикано од бактеријата.
Слично
