Летни месеци за забава и социјализација, но и за уписи, на словенечките факултети
Септември ни е врежан од детството како пресек во годината. Симболичен крај на безгрижноста, забавата и патувањата наспроти почеток на нешто посериозни активности, како учењето, предавањата и врсничките дружби во библиотеките. Штом се наближи втората половина од август, умот автоматски почнува со подготовки за она што следи. Основците и средношколците ги довршуваат лектирите, а оние постарите... Дел од нив се подготвуваат за последните уписни рокови на факултет. Последни подготовки да се избере каде да се живее студентскиот живот.
Ако се уште не сте донеле одлука каде да студирате или сте незадоволни од изборот што сте го направиле, уште имате време за нов избор кој Ви овозможува да студирате во држава од Европската унија. Последните уписи се во тек и на факултетите во Словенија. Од Факултетот за општествени применети студии (https://www.fuds.si/en/) и од Факултетот за информатички студии (https://www.fis.unm.si/) посочуваат кои документи се потребните за упис, при тоа потенцирајќи дека познавањето и говорењето на словенечкиот јазик не е услов за запишување на додипломските и постдипломските студии на нивниот факултет.
„За студентите од Македонија за упис на додипломски студии потребни се свидетелствата и дипломата за завршено средно образование, додека за постипломските студии, дипломата и уверението за положените испити во текот на студирањето. За било кој степен на студии дополнително треба да се достави и копија од пасош. Истите документи се потребни и за упис на Факултетот за информатички студии во Ново Место, но и на сите други факултети во Словенија“, објаснуваат од ФУДШ.
Иако познавањето на словенечкиот јазик не е задолжително, сепак според оние кои веќе се таму на студии, тоа се опишува како добра алатка за полесна социјализација во друштвото и стекнување нови искуства. Впрочем студентскиот живот не е само учење, настава, обврски. Тој вклучува и дружење, патувања, социјализација преку разни програми за размена, летни школи или волонтерски програми, како и други можности за едукација и забава. Содржински побогат, поисполнет студентски живот, со нови интересни можности за нови искуства и активности.
Социјализацијата на студентот и подобро вклучување во друштвото се случува и во текот на летните месеци преку учество во студентски размени, летни школи, волонтерски програми, кои креираат и неограничени можности студентот да истражува нови природни убавини, да се дружи и ужива во планините или пливањето или во спортувањето. Процесот креира шанса за стекнување нови животни вештини, запознавање со други култури и создавање бесценети спомени и пријателства кои се основа и на професионалниот нет воркинг, кој денес е база за кариерен раст.
Во Словенија и универзитетите и факултетите ги поддржуваат овие вон-наставни активности за студентите да добијат квалитетно поминато време и да создадат заедничка интеракција, но и да развијат нови вештини на комуникација. На нив се гледа како на дополнување на процесот на студирање. Студентскиот систем овозможува и на студентите од странство во летниот период да уживаат во убавините на земјата – домаќин. Односно, постојат посебни студентски програми за вработување на студентите додека престојуваат во Словенија. Слична на Северна Македонија и Словенија е мала земја со прекрасни планини, езера и пејсажни региони. Има природни и културни богатства кои чекаат да бидат откриени и во кои треба да се ужива. Здравиот начин на живот, всушност, е култура на живеење на словенечките студенти. Да се спортува во Словенија е правило на живот.
Но, исто така, постојат можности преку факултетите да се посети и друга европска/светска дестинација со користење на Еразмус програмата. Преку неа се организираат летни школи, семинари и работилници за студентите, со што се обезбедува додатен образовен аспект, каде студентите може да учат нови вештини, да се сретнат со експерти во нивната област на интерес и да разменат мислење и знаења. Да учествуваат во придобивките на меѓународниот студентски живот, да откријат нови хобија, да создадат неповторливи спомени и нови пријателства.
Родителите го опишуваат студирањето во Словенија и како штедење, затоа што голем дел од студиите се бесплатни, а студентот има можност да користи студентски попусти во некои ресторани, плаќа пониска закупнина за студентски стан, има попусти за фитнес тренинзи и други хобија, а при тоа може и да се вработи преку студентска програма. Летната пауза од студиите повторно дава бројни можности за студентски развој, а на крајот од забавата, социјализацијата и уживањето, се размислува и за уписните рокови на факултетите.
Вториот упис на факултетите во Словенија е во тек, а на 25.09.2023 се очекува и последниот трет уписен рок, доколку останат слободни места.
ПР објава