Економија, финансии, бизнис

Контакт

Лансирани СЕЕ Линк индекси

Лансирани СЕЕ Линк индекси

Од денес СЕЕ Линк започнува со пресметување на првите два акциски индекси SEE LinX и SEE LinX EWI кои се креирани со цел да ја подобрат видливоста на регионалните пазари.

Во составот на индексите влегуваат акциите на 10-те најликвидни компании коишто котираат на трите берзи учеснички и тоа: 5 од Хрватска, 3 од Бугарија и 2 од Македонија.

Двата индекси имаат ист состав: бугарските компании Advance Terrafund REIT-Sofia, Sopharma AD-Sofia и Monbat AD-Sofia; хрватските компании Atlantic Grupa d.d., Ericsson Nikola Tesla d.d., Hrvatski telekom d.d., Podravka d.d. и Valamar Riviera d.d. и македонските компании Комерцијална банка АД Скопје и Алкалоид АД Скопје.

SEE LinX е индекс пондериран со пазарната капитализација прилагоден со free-float-от на секој од елементите во неговиот состав, додека SEE LinX EWI е еднакво пондериран индекс со истиот состав како SEE LinX.

Базната вредност на двата индекси е утврдена на 100 поени и истите ќе се пресметуваат во реално време во  валута евра.

СЕЕ Линк индекси ќе придонесат за поголема видливост на регионалните пазари на капитал, како и поголема транспарентност, овозможувајќи им на инвеститорите да ги следат движењата на цената на акциите и врз основа на тоа полесно да донесат инвестициски одлуки.

СЕЕ Линк е иновативна регионална платформа што ги поврзува Бугарската, Хрватската и Македонската берза, поддржана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР)  и истата стана оперативна со лансирањето на системот за пренасочување на налозите за тргување на 29.03.2016 година.

СЕЕ Линк платформата ќе помогне да се интегрираат националните пазари на капитал со вкупна пазарна капитализација од 30 милијарди долари и ќе овозможи размена на налози за тргување за околу 400 акции котирани на трите берзи. Системот има за цел да се зголеми ликвидноста и да се подобри пристапот на инвеститорите и локалните брокери.

Белградската и Љубљанската берза ја потврдија својата намера за приклучување кон проектот.

СЕЕ Линк е проект кој го започнаа Бугарската, Македонската и Загребската берза со цел креирање на регионална инфраструктура за тргување на хартии од вредност котирани на овие три берзи. Во мај 2014 година беше основано заедничко друштво СЕЕ Линк ДОО, со седиште во Скопје, со кое беше и формализирана соработката на овие берзи.

Во јули 2014 година ЕБОР ја поддржа првата фаза од реализацијата на проектот СЕЕ Линк со одобрување на грант од 540.000 евра за воведување на електронски систем за пренасочување на налозите за тргување. Финансирање за овој проект е обезбедено од страна на донаторите на ЕБОР преку посебен фонд. Паралелно со ова, трите берзи имаат сопственичко учество во СЕЕ Линк од вкупно 80.000 евра. Зајакнување на локалните пазари на капитал и поттикнување на користењето на локалните валути е еден од приоритетите на ЕБОР во Западен Балкан. Заложбите на ЕБОР се да се намали зависноста од надворешните извори на финансирање и да се промовира развојот на домашните извори на финансирање.

Слично

Поврзани вести