Лабораториите за нафтени деривати од регионот ги применуваат европските стандарди
Како до поголема соработка и поедноставно следење на најновите технички достигнувања во делот на лабораториите за нафта е главната тема на 7-миот Регионален Симпозиум на лабораториите за нафта и нафтени деривати. На Симпозиумот присуствуваат 65 претставници од над 30 лаборатории и други организации и институции од регионот.
Организатори на овогодишниот, седми по ред Симпозиум се најголемите домашни компании во нафтениот сектор, ОКТА и Макпетрол. Покрај лабораториите кои функционираат во состав на ОКТА и на Макпетрол, на настанот учествуваат и лаборатории од Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија,Албанија, Косово, Унгарија, а за првпат има и претставници од Грција. За време на настанот се одржаа повеќе предавања, дебати и дискусии преку кои се споделија знаења и искуства за најновите трендови и техники во анализата на квалитетот на нафтата и нафтените деривати. Сето ова ќе придонесе за оптимизирање на работата на лабораториите и ќе овозможи повисоко ниво на квалитет на услугите кои тие ги нудат.
Лабораториите од регионот желбата за соработка ја покажаа и преку спроведување две заеднички испитувања на два различни нафтени деривати, на исти примероци и споредба на добиените резултати, применувајќи ги европските стандарди. На тој начин и помалите лаборатории добија можност дополнително и без големи трошоци да ги проверат своите методи, резултати, апарати и оператори. Неколку лаборатории од регионот учествуваа во проекти за заштита на животната средина, спроведени од светски институции, преку контрола на квалитетот на нафтените деривати кои се пуштаат во промет на пазарот.
