Квалитетот и цената пресудни ако сакаме извоз за Русија
Како резултат на руското ембарго за увоз на прехранбени производи од повеќе западни земји, Македонија може да го зголеми извозот на рускиот пазар, но притоа пресудни се квалитетот и цената на производите, оценуваат Стопанската комора на Македонија и Македонско-руската стопанска комора.
Според проценките, земјоделско-прехранбениот сектор од земјава би можел да го зголеми извозот за Русија за 30-40 проценти, но треба да се води сметка тоа зголемување да не биде само еднократно, туку да се задржи континутиет на присуство на рускиот пазар.
„Немаме капацитет да ја задоволиме Руската федерација. Не треба да имаме илузии дека ќе задоволиме голем пазар. Наша цел треба да биде да се зголеми она што досега е работено. Ние сме насочени кон тоа производството да се пласира во руските региони, онаму каде што можеме реално да одговориме и онаму каде што можеме да го задржиме континуитетот во идните години, да не помислиме дека ако еднаш извеземе ќе ја завршиме работата“, вели извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев.
Според него, Македонија реално може да го задоволи капацитетот на два-три региони во Русија, кои немаат повеќе од три милиони жители. Сепак нагласува дека македонските извозници не треба да ја користат ситуацијата за да ги зголемат цените, бидејќи тоа може да има негативен ефект.
„Конкурентноста руските увозници ја гледаат во однос на квалитетот со цена. Не сме единствени,економијата е глобална. Имаат многу можности од каде да купуваат. Треба да сме паметни да ги поставиме цените толку добро за да продолжиме подолго да имаме набавка на рускиот пазар на наши производ. Тоа е главата цел“, вели Бешлиев.
Според Васко Ристевски од Стопанската комора на Македонија, по завршувањето на есенската берза ќе се утврди колку точно Македонија има вишок кој би можела да го понуди за извоз во Русија. Во тек се и активности со цел да се утврди на кој начин најдобро би можела да се искористи дадената ситуација и да им се помогне на извозниците.
Според статистичките пдоатоци, трговската размена меѓу Македонија и Русија во 2013 година била 195 милиони долари, при што Македонија остварила огромен дефицит.
Македонија остарила извоз од 31,5 милиони долари, при што на земјоделски производи отпаѓаат само 9,6 милиони долари, додека увозот изнесувал 163,6 милиони долари, од што 116 милиони отпаѓа на увоз на енергенси.
Слично
