Континуирана употреба на пробиотици за дигестивен баланс
Современиот стил на живот подразбира постојана трка со времето, јадење на брза (процесирана) храна и високи нивоа на стрес. Кога на ова ќе додадеме минимум 1 - 2 вирусни инфекции годишно како и понекогаш претерано земање на антибиотици, сосема е јасно дека доста често имаме состојба на нарушена цревна микрофлора што резултира со бројни стомачни тегоби. Човековата цревна микрофлора се состои од бројни добри бактерии кои ги спречуваат патогените да ги исполат своите негативни дејства на тој начин што се натпреваруваат со нив за храна, а некои видови и директно продуцираат инхибирачки супстанци за патогените причинители. Токму затоа одржувањето на здравата цревна микрофлора е приоритет за добро стомачно здравје.
Веќе повеќе децении пробиотиците се користат за минимизирање на штетните ефекти од антибиотската терапија, при дијареа и при летни патувања. Сепак во последните години се става акцент на превентивната примена на пробиотиците токму во контекст на одржување на здрава цревна микрофлора. Бројните истражувања потврдуваат дека континуирана примена на пробиотици од типот lactobacillus, Bifidobacteriumи Saccharomyces boulardii во период од еден месец па и подолго имаат позитивни ефекти врз целокупното здравје. Делуваат на два начина: подобрување на варењето и метаболизмот со што максимално се искористуваат хранливите материи и преку подигнување на имунитетскиот одговор на организмот со што превентивно делуваатво насока на спречување на бројни инфекции како и намалување на алергиските симптоми.

М-р фарм. Соња Пецевска
