КОМПОСТИРАЊЕ ВО РОВОВИ – ПРАКТИЧНА ТЕХНИКА ЗА СПРАВУВАЊЕ ВО БИО-ОТПАДОТ ОД ДОМАЌИНСТАВАТА ВО ПЕРИ-УРБАНИ И РУРАЛНИ СРЕДИНИ
Што е тоа компост?
Компостот е природен органски материјал добиен со контролирано разградување на био-отпадот – процес во кој микроорганизми (бактерии и габи), со присуство на кислород, влага и соодветна температура, ги претвораат органските остатоци во стабилна „почвена хумусна“ маса. Резултатот е органски, темен, ронлив материјал со земјен мирис, кој ја подобрува структурата на почвата, ја зголемува нејзината плодност, и придонесува за намалена потреба од вештачки ѓубрива, а со тоа и поквалитетни земјоделски производи.
Од што се добива
компост?
Компостот најчесто се добива од мешавина на „зелени“ и
„кафеави“ материјали. „Зелените“ материјали се свежи, влажни и богати со азот,
како на пример остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе, чај, свежо косена
трева, зелени листови. „Кафеавите“ се суви и богати со јаглерод т.е. суви
листови, слама, ситни гранчиња, струготини од необработено дрво, картон/хартија
без печатени бои и пластика. Со цел постигнување максимален ефект во најкус
временски период, препорачливо е „зелените“
и „кафеавите“материјали меѓусебно да се комбинираат во приближно балансиран
однос (повеќе „кафеави“ за да нема непријатни мириси и премногу влажност).
Процесот на компостирање ќе биде целисходен само доколку се исполнети следниве три
услови: оптимален процент на влага на ровот (како исцеден сунѓер),периодично
проветрување (кислород) и доволно време.
Во компостот не се ставаат месо, риба, млечни производи, масна храна, измет од
миленици, пластика и материјали со хемиски премази бидејќи истите значително ќе
влијаат врз квалитетот на органската маса.
Компостирањето во ровови (понекогаш наречено „закопување на био-отпад“ или trench composting) е едноставна, нискобуџетна и многу распространета техника, особено во дворови, градини, овоштарници и мали земјоделски парцели. Самата техника подразбира дека наместо во компостер, био-материјалот се поставува во ископан ров и се покрива со земја, каде што постепено се разградува и ја збогатува почвата директно „на лице место“.
Методот на компостирање во ровови се
применува многу едноставно и е особено практичен за дворови, градини и помали
парцели. Процесот започнува со избор соодветна локација во градината или дворот, по
можност на место каде што се планира садење во следната сезона – на пример во
меѓуредите, по периферијата на леите или во близина на овошни дрвја. Потоа се
ископува ров со вообичаена длабочина од 20 до 40 сантиметри и ширина од 20 до
30 сантиметри, при што димензиите може да се приспособат во зависност од типот
на почвата и количината на органски материјал што се располага. Во ровот се
додава био-материјал во слоеви, најчесто комбинација од кујнски растителен
отпад и „суви“ материјали како суви листови, слама или картон, со што се
обезбедува подобар баланс на материјалите и се намалува ризикот од непријатни
мириси. Доколку внесениот материјал е премногу сув, може лесно да се навлажни
за да се поттикне процесот на разградување. По полнењето, ровот целосно се
покрива со земја – препорачливо со слој од најмалку 10 до 15 сантиметри – и
земјата се набива умерено, со цел да се спречи излегување мириси и да се
ограничи пристапот на животни. На крај, локацијата се означува за да се знае
каде е поставен ровот. Разградувањето најчесто трае од неколку недели до
неколку месеци, при што процесот е побрз во потоплите сезони; по завршување, почвата на тоа место станува
потемна, поронлива и видливо побогата.
Оваа техника е толку популарна затоа што овозможува минимален мирис и
помала појава на инсекти, бидејќи органскиот отпад е покриен со земја и не е
изложен на воздух како кај купчините. Дополнително, не е потребно редовно
превртување и одржување како кај класичната компостна купчина, а придобивките
се директни – органската материја и хранливите елементи остануваат во зоната на
коренот и веднаш придонесуваат за подобрување на почвата. Методот е особено
погоден за домаќинства со двор или градина, каде што количините на био-отпад се
умерени и има доволно простор за примена, при што трошоците се минимални, а не
е потребна никаква специјална опрема.

Фото: Комост ; Извор:https://www.freepik.com/
За најдобар ефект, рововите треба да се планираат на безбедно растојание од бунари и водотеци и да се избегнуваат места каде што се задржува вода, бидејќи прекумерната влага може да го забави процесот и да создаде непожелни услови. Во зимски период разградувањето природно е побавно, па затоа овој метод често се користи како „инвестиција“ за пролетната сезона, кога почвата ќе биде подготвена и збогатена. Доколку се располага со поголеми количини органски отпад, практично решение е да се применува ротација – на пример, да се користи еден ров во еден период, а потоа следен ров на друга локација – со што се избегнува преоптоварување на едно место. Клучна препорака за добар баланс и побрза разградаба е секогаш покрај влажниот кујнски отпад да се додава и сув материјал како лист, слама или картон, што ја стабилизира мешавината и ја подобрува ефикасноста на компостирањето.

Фото: Органски компост; Извор: https://www.freepik.com/
Град Скопје и општините на градот се соочуваат со сериозни предизвици кога
станува збор за воспоставување на целосно интегриран и функционален систем за
селекција и третман на био-отпадот. Во таа смисла, промовирањето на едноставни, децентрализирани
практики на компостирање – особено компостирањето во ровови – може да биде
реална и брзо применлива мерка. Општините можат да ја поттикнат оваа пракса во
рамките на локалните програми за управување со отпад, урбано зеленило и
климатска акција. Понатаму, може преку едукативни кампањи, демонстративни
градини и пилот-локации во училишта и јавни установи, како и преку поддршка на
домаќинствата и заедниците што имаат дворни површини да придонесат кон
намалуцањето на оваа фракција на отпад во вкупните количини на депониран отпад..
На тој начин, дел од био-отпадот ќе се пренасочи од контејнерите и депонијата
Дрисла кон јавните или приватните дворни површини како природно ѓубриво за
почвата и растенијата.Со тоа ќе се намалат непријатните мириси и товарот врз
комуналните служби, а ќе се зајакне локалната култура на одговорно постапување
со органскиот отпад – чекор што е во линија со современите принципи на
циркуларна економија и поодржливо управување со животната средина во Скопје.
Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон - Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.
ПР објава