Компири и јаболка можат да ни го стопираат целиот извоз во Русија?
Зголемен извоз на компири и јаболка од Македонија на рускиот пазар неофицијално е причината заради која земјава е обвинета дека го прекршува руското ембарго за европски прехранбени производи.
Претставници на руската Агенција за надзор на безбедноста на храната утрово се сретнале со вработени во македонската амбасада во Москва. Им бил сомнителен зголемениот извоз на овие производи од Македонија за Русија, па изразиле сомнеж дека преку Македонија се реекспортираат во Русија производи од европските земји.
Доколку злоупотребата се потврди, Македонија ризикува да добие забрана за извоз на прехранбени производи во Русија. Земјава е една од ретките во Европа што засега може да извезува храна на рускиот пазар, заради што се очекуваше македонските производители да имаат определен бенефит од руското ембарго воведено кон повеќето европски земји.
Сега македонската Агенција за храна и ветеринарство ќе треба да ја провери листата што им е сомнителна на руските власти и во рок од една недела да достави потврда дали производите се од македонско потекло.
Слично
