Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колку не чини секој вишок килограм телесна тежина!

Колку не чини секој вишок килограм телесна тежина!

Автор: Филип Ачкоски, м-р по фармација, д-р по бизнис администрација, извршен директор во фармацевтска индустрија, медицински писател и здравствен едукатор со повеќе од 20 години искуство на пазарите во Југоисточна Европа. ТопЕдукатор.

Кога неправилната исхрана станува економски проблем?

Во Македонија, речиси секој втор возрасен човек има вишок килограми, а секој четврти е клинички дебел. Тоа не е само здравствен аларм – тоа е економска закана со огромни последици.
Обезноста одамна престана да биде прашање на естетика или личен избор. Таа е хронична, прогресивна и системска болест што го чини здравствениот систем милиони евра годишно.

Прашањето не е дали дебелината чини многу — туку дали државата воопшто ја пресметува таа цена.

Обезноста во бројки

Според податоци на Светската здравствена организација (СЗО), повеќе од 50% од возрасните Македонци имаат прекумерна телесна тежина, а над 25% се со дијагностицирана обезност (BMI >30).

Кај децата, ситуацијата е уште поалармантна: Македонија полека но сигурно се вклучува во друштвото меѓу водечките земји во Европа според детска дебелина.

Обезноста е клучен фактор за најчестите и најскапите хронични болести: дијабетес, хипертензија, срцеви заболувања, мозочен удар и одредени видови рак.

Неколку килограми повеќе денес може да значат илјадници евра помалку во буџетот утре.

Економски товар: скриената сметка на обезноста што незапирливо расте

Според европските анализи, директните здравствени трошоци поврзани со обезноста изнесуваат 2–7% од националните здравствени буџети, а вкупниот товар (вклучувајќи изгубена продуктивност и инвалидитет) достигнува до 3% од БДП.

Најголем дел од овие трошоци доаѓаат од:

·  компликации на дијабетес тип 2,

·  кардиоваскуларни заболувања,

·  оштетување на зглобови и 'рбет,

·  зголемена употреба на лекови и хоспитализации.

Од калории до коморбидитети – и до банкрот

Да земеме еден едноставен пример:
пациент со BMI над 35 има 6 пати поголем ризик за дијабетес и 4 пати поголем ризик за срцев удар.
Ако ваков пациент не добие навремен и соодветен третман, државата ќе плати најмалку:

·  400 € годишно за основен третман,

·  12.000 € ако започне со дијализа,

·  и уште повеќе ако дојде до инвалидитет или прерана смртност.

Така, она што почнува како „неколку килограми повеќе“ се претвора во кошмарен живот за пациентите но и десетици милиони евра загуби за здравството и економијата.

Новите терапии – инвестиција или луксуз?

Современите лекови, како GLP-1 агонистите (semaglutide, tirzepatide) се повеќе се користат при обеност, но се често етикетирани како „прескапи“.
Сепак фармакоекономските студии покажуваат дека (ако се земат навремено):

·  тие го намалуваат ризикот од дијабетес тип 2 за над 80%,

·  ја подобруваат контролната на крвниот притисок и липидите,

·  и го намалуваат бројот на хоспитализации и медицински интервенции.

Со други зборови: имаат висока почетна цена – но значајна долгорочна заштеда.
Секој килограм изгубен преку ефективен третман може да заштеди стотици евра во идни здравствени трошоци.

Македонија – земја на калории без стратегија

Иако проблемот со обезноста е јасно идентификуван, Македонија сè уште заостанува на полето за превенција и третман на обезност. И покрај актуелноста на состојбата и бројните индивидуални напори за борба со обезноста, сеуште не се препознава организирана скрининг програма, или стандардизиран пристап кон диетотерапија, физичка активност и психолошка поддршка од страна на здравствените установи.

Додека фармацевтските иновации напредуваат, системот останува заглавен во парадигмата „сè додека не боли – не е проблем“.
А токму тој пристап не прави најголемиот фармакоекономски губитник во регионот.

Економија на прекумерната тежината

Обезноста не влијае само на здравството, туку и на работната продуктивност.

Секој вработен со клиничка обезност губи во просек 6–10 работни дена годишно повеќе поради боледување.

Продуктивноста на работното место може да се намали за 10–15%.

Компаниите плаќаат повисоки трошоци за осигурување и здравствени услуги.

Тоа значи дека обезноста е и макроекономски проблем — болна држава не може да има здрава економија.

Секоја држава има право да избере што ќе финансира: лекови, инфраструктура или последици.
Но фармакоекономијата вели дека нелекуваната обезност е најскапата инвестиција од сите.

Македонија мора конечно да ја признае обезноста како хронична болест и да инвестира во нејзино лекување – не од суета, туку од прагматичен економски интерес.
Бидејќи прашањето не е „Колку чини лекот?“, туку „Колку нè чини – вишокот килограми?“

ПР објава

Слично

Поврзани вести