Ќе се собира прегорениот зејтин во Охрид, борба со загадувањето и екстра профит?!
За два дена започнува акцијата за собирање отпаден зејтин во Охрид од домаќинствата и угостителските објекти. Мерката која ја спроведува одделението за животна средина, ќе се спроведе на поранешниот полигон за мали спортови, каде сите физички и правни субјекти ќе можат да го достават отпадниот зејтин и да добијат соодветни канти за негово складирање.
Пилот проектот за собирање отпадно масло од домаќинствата почна да се реализира во декември минатата година со цел употребеното масло да не се фрла заедно со останатиот комунален отпад и на тој начин да се спречи загадување на животната средина. Собирањето отпадното масло на територијата на Општина Охрид го врши овластената фирма „Суниленс“ од Скопје која од Министерството за животна средина и просторно планирање има дозвола за собирање, складирање и третман на таков вид отпад.
Експертите за Фактор посочуваат дека отпадното масло е одлична суровина за правење био дизел гориво.
