КИКСОТ ПОЗНАТ: Samsung откри зошто eксплодирал Galaxy Note 7
Јужнокорејската компанија Samsung ги откри причините за експлозиите на смартфоните од моделот Galaxy Note 7. Тие се запалуваат поради проблеми во дизајнот и производството на батерии.
„Нашата истрага, како и истрагите извршени од три независни организации, заклучија дека батериите се покажале како причината за инцидентите со Galaxy Note 7“, се вели во соопштението на компанијата.
Од Samsung изјавија дека при истрагата биле испитани над 20 000 уреди и 30 000 батерии. Од компанијата се категорични дека ќе ги „преземат сите неопходни мерки за да не се повторува слична ситуација во иднина“.
Потсетуваме дека во крајот на минатата година Samsung најави масовно повлекување и прекин на продажбата на Galaxy Note 7 поради проблеми со батериите кои можат да експлодираат.
Потоа компанијата објави дека дефектот е отстранет и започна да ги менува претходно купените смартфони со нови.
Подоцна сепак стана јасно дека компанијата не успеала да го надмине проблемот, бидејќи батериите продолжиле да се самозапалуваат. Поради тоа „Samsung“ објави целосно повлекување на апаратите од овој модел и запирање на нивно производство.
