Ќе се дава субвенција за килограм продадена оризова арпа
На последната седница Владата донесе одлука за уште една субвенција наменета за оризопроизводителите.
Земјоделците кои имаат пријавено земјоделско земјиште до два хектари ќе добијат по пет денари за предаден килограм оризова арпа кај откупувачите. Земјоделците кои поседуваат од два до 10 хектари ќе добијат по четири денари за килограм предадена арпа кај откупувачите, а земјоделците кои поседуваат над 10 хектари земјоделско земјиште на кое одгледуваат ориз ќе добијат по три денари за килограм предадена оризова арпа кај откупувачите.
Мерката ќе важи од 1 до 31 јули годинава, а производителите на ориз најдоцна до 31 август заедно со кантарските белешки и потврдите дека е откупена арпа кај откупувачите ќе можат да се пријават во Подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водстопанство за да добијат субвенција.
Од ланската реколта се откупени 12000 тони ориз од кои количини 3500 тони стојат во магацините на откупувачите. Во амбарите на производителите има од осум до 10000 тони ориз кој чека откуп.
