Канадската влада отвора Центар за аплицирање за визи во Скопје
Нов Центар за аплицирање за визи отвара Канадската влада (visa aplication centre, VAC) во Скопје за да го олесни аплицирањето за виза за граѓаните.
Министерството за државјанство и имиграција на Канада ја проширува својата мрежа на центри за аплицирање за визи во целиот свет за да им обезбеди административна поддршка на апликантите пред разгледувањето, за време на разгледувањето и по разгледувањето на нивната апликација за привремен престој од службеникот за имиграција.
Во соопштението од Почесниот конзулат на Канада во Скопје се наведува дека службениците во центрите за аплицирање за визи се достапни на телефон, по имејл и лично за да одговорат на прашања на локалните јазици и за да проверат дали апликациите се целосни. Со тоа се избегнуваат непотребни одложувања или одбивања поради нецелосни апликации.
За дополнителна цена, центрите за аплицирање за визи нудат и други услуги, вклучувајќи фотокопирање, фотографирање за апликација и компјутерски терминали за самоуслужување за оние кои сакаат да ги користат новите онлајн апликации.
Важно е да се напомене дека центрите за аплицирање за визи не се вклучени во процесот на одлучување и немаат овластување да ги советуваат апликантите во врска со визите.
Сите оние кои сакаат да аплицираат за виза за посета, за дозвола за студирање, за работна дозвола или за патен документ на постојан жител, можат да го сторат тоа во новиот Центар за аплицирање за визи во Скопје на адреса ул. Јордан Мијалков 50-а, 1000 Скопје. За повеќе информации за услугите кои ги нудат центрите за аплицирање за визи, посетете ја страницата cic.gc.ca/vac.
