Камерите уловиле 950 прекршоци, полицијата засега само предупредува
Полициските камери уловиле околу 950 сообраќајни прекршоци за девет месеци. Најголемиот дел од нив биле за недозволено полукружно вртење, престигнување и недозволено паркирање, пишува „Вест".
Полицијата сеуште не казнува, туку испраќа само предупредувања, а како што пичува весникот, според МВР, откако се поставени камерите, бројот на сообраќајни несреќи во Скопје бил намален за 50%.
„Не ни е целта да пишеме казна, туку да ја подобриме безбедноста на патиштата. Засега ќе функционираме вака, а со тек на време ќе почнеме да ги казнуваме прекршителите. Минатата година во споредба со 2011, забележан е позитивен тренд на намалување на сообраќајките, што е резултат и на камерите, но и, генерално на сите други мерки кои ги преземаме за да ја подобриме состојбата на патиштата, меѓу кои и подобра патна инфраструктура. Но, за да може да тврдиме дека камерите се причина поради која се намалени несреќите, мора да се направи една подолга анализа“, вели портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Засега се поставени 70 камери на најфреквентните улици и раскрсници во Скопје, а според најавите на МВР, проектот ќе се прошири и во други градови низ земјата.
Слично
