Економија, финансии, бизнис

Контакт

Јавните обвинители и медијаторите потпишаа меморандум за разбирање и соработка

Јавните обвинители и медијаторите потпишаа меморандум за разбирање и соработка

Здружението на Jавните oбвинители и Комората на Mедијатори на Република Северна Македонија потпишаа Меморандум за разбирање и соработка со кој иницираат испитување на можностите за вклучување на медијацијата како начин за алтернативно решавање на кривичните постапки.

„Овој модел, што успешно се применува во Холандија,  значително придонесува за ефикасност на постапките и за зголемување на довербата во правично решавање на конфликтите кои довеле до кривично-правно дело", истакна претседателот на Здружението на јавните обвинители Елвин Вели.

Засега медијацијата во кривична постапка во нашата држава може да се спроведе единствено во предметите против деца во судир со законот, согласно  Законот за правда за децата, како и во постапките по приватни тужби согласно Законот за кривична постапка. Според претседателката на Комората на медијатори Гордана Богеска, позитивни примери за широка и ефикасна примена на медијацијата во кривичните постапки веќе има и во соседните земји.

„Примената на позитивните искуства од другите земји, може навистина да помогне во јакнењето на свеста за важноста на медијацијата како особено ефикасен начин за решавање на споровите, за што како Комора веќе сме вклучени и во регионална соработка и размена на искуства со земјите од регионот“, додаде Богеска.

Здружението на јавните обвинители и Комората на медијатори со потпишаниот Меморандум најавија и други заеднички активности, кои вклучуваат заемни обуки и работилници, учество во заеднички проекти и размена на информации.

Слично

Поврзани вести