Економија, финансии, бизнис

Контакт

Искуствен туризам со јавање коњи, локални специјалитети и винска култура како двигател на локалниот економски развој

Искуствен туризам со јавање коњи, локални специјалитети и винска култура како двигател на локалниот економски развој

Во последните неколку години, странските но сѐ повеќе и домашните туристи се заинтересирани за понуди коишто во себе содржат синергија помеѓу туризмот, гастрономијата и винската култура.  Интегрирање на малите и средните претпријатија во синџирот на снабдување е еден од клучните двигатели за економскиот развој, особено преку развој на винскиот и руралниот туризам. Овој процес овозможува локални бизниси да се трансформираат од мали производители во даватели на разновидни  туристички услуги. Следејќи ги меѓународните трендови за интегрирање на туризмот во локалниот развој, Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕго поддржа тур-операторот „Sherpa Horse Riding“ во креирање на одржлив туристички производ - тури за јавање  коњи. Турите се реализираат, во партнерство со повеќе даватели на услуги како мали сместувачки капацитети, производители на традиционална храна, мали семејни винарии, ресторани и музеи низ шест општини во земјава.  Едната тура е наречена „Miyak's Tribe Trail“и вклучува шестдневно искуство во јавење коњи  во повисоките предели на Националниот парк Маврово додека другата е „Dionysus Wine Trail“ долж долината на реката Вардар, во регионот низ општините Градско, Кавадарци, Росоман, Неготино и Демир Капија. За време на турите, туристите можат да престојуваат во мали автентични сместувачки капацитети, да ги посетат и дегустираат вината од различни винарии, да научат како се подготвуваа традиционална храна, локални пијалоци, како се собира мед и да уживаат во јавање низ лозја и прекрасна природа. Гостите јавајќи на коњи поминуваат и над 150 километри.

Раните резервации за 2027 година укажуваат на силна побарувачка за овој производ, охрабрувајќи ги малите стопанства да продолжат да инвестираат во подобрување на своите туристички услуги. Благодарение на партнерството и туристите што пристигнуваат преку турите на „Sherpa Horse Riding“, винаријата Арабеска ги надгради своите простории со четири нови соби за сместување со капацитет за околу десетина гости и ја продолжи својата сезона. Производителите на мед „Пчеларство Наумов“ како резултат на зголемената продажба, ја надградија својата понуда со уште една просторија за дегустација на меди промоција на апи-култура.. Дел од локалните производители на традиционална храна за првпат учествуваат во туристичка понуда и соработуваат со странски туристи, оценувајќи го како позитивна пресвртница во нивното долгогодишно работење.

„Со турите со јавање коњи започнавме пред неколку години, со цел да понудиме автентично искуство во природа. Ефектите се многу позитивни – гостите се релаксираат, уживаат во природата и создаваат посебна врска со коњите. Во последните години има забележан раст на интересот и резервациите за вакви тури, бидејќи туристите сакаат активности во природа, авантура и поврзување со локалната култура. Најчесто имаме комбинација од домашни и странски гости, но во последните години сѐ повеќе доминираат странците. Тоа е тренд и глобално – коњичкиот туризам привлекува интернационални посетители кои бараат автентични искуства во природа. Имаме гости од различни земји, најчесто од Европа (Германија, Холандија, Франција, Велика Британија), но и од САД и други. Доаѓаат и гости со искуство во јавање коњи, но голем дел од нив се почетници кои првпат пробуваат јавање коњи. Токму тоа е и убавината на ова искуство – достапно е за секого, без разлика на претходно искуство. Турите со коњи имаат позитивно влијание и во развојот на руралниот одржлив туризам но и врз други сектори во локалната економија“, велат од Sherpa Horse Riding.

Идните планови на тур-операторот „Sherpa Horse Riding“ се насочени кон проширување и подобрување на искуството на гостите, преку развој на нови и подолги тури, со уште поголем акцент на автентичните природни и културни доживувања. Еден од приоритетите ќе биде зголемување на достапноста за различни нивоа на јавачи, како и воведување на дополнителни активности поврзани со локалната традиција и руралниот туризам.

Соработката на локалните мали бизниси и индивидуални земјоделски производители во рамките на една туристичка понуда којашто опфаќа неколку општини низ земјата, претставува одличен пример за тоа како треба да се креираат идните одржливи туристички практики во земјава коишто ќе придонесат кон афирмирање на локалните општини и поттик кон нивниот забрзан развој. Меѓусебната поврзаност не се отсликува само во рамките на туристичката понуда, туку и пошироко, во овозможување на пристап на туристите на локалните културни локалитети, споменици и музеи. Таков е примерот и со Винскиот музеј во Кавадарци, чијшто број на посетители сѐ повеќе се зголемува, со надеж дека овој тренд ќе продолжи и во наредните години.

„За нас е чест што сме дел од оваа тура. Туристите го посетуваат и градот и музејот, дегустираат локални вина и си заминуваат воодушевени. Ако дојдете во Кавадарци, а не го посетите музејот, тоа е исто како да не сте биле во градот. Музејот стана задолжителна дестинација“, вели Елизабета Ристова, директорка на Вински музеј за регион Тиквеш Кавадарци. „Влезот во музејот е бесплатен. Гостите се запознаваат со винската култура, традицијата и со експонатите. Имаме вина од мали, средни и големи винарии, кои се изложени како експонати. Имаме и две винотеки. Се продаваат вина од семејните винарии од нашиот регион. Сме имале туристи од САД, од Англија, од нордиските земји, од Германија, од секаде, буквално од цел свет. Посетите од странците се зголемуваат од година во година. Лани имавме околу 5.000 посетители, домашни и странски. Винскиот туризам има голем потенцијал за развој, а се прават и нови сместувачки капацитети. Поминувањето на туристите низ нашиот регион, носи огромен бенефит. Тие ќе ручаат, ќе вечераат, ќе престојуваат во градот, ќе купат сувенири, тоа се мали чекори, но значајни и така се стимулираат сопствениците на бизнисите да го подобрат своите услуги.“

Во вардарскиот регион речиси е двојно зголемен бројот на туристи во последниве две години, при што во 2025 година се регистрирани 36,366 домашни и странски туристи. Трендот на пораст на бројот на туристи во земјава е континуиран, со годишен раст од околу 6%, при што околу 70% се странски туристи. По бројност, најчести гости се Турците, Грците, Србите и Германците.

Зголемениот прилив на туристи во земјава овозможува дополнителна активност во локалните економии генерирајќи приход низ целиот вредносен синџир и потреба за ангажирање на локалното население. Успешното интегрирање на атрактивната туристичка понуда со автентичните локални услуги овозможува на туристите во еден здив да го искусат спојот на адреналинот и традиционалниот дух, што претставува неминовна компонента во дефинирање на иднината на туристичкиот пазар.  

Слично

Поврзани вести