Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Саша Богдановиќ: „До светла иднина преку политики за социјализација и едукација на најмладите жители на Центар“

Интервју Саша Богдановиќ: „До светла иднина преку политики за социјализација и едукација на најмладите жители на Центар“

1.Деновиве е актуелен проектот „На одмор сум, во Скопје сум – општина Центар мисли на мене“ под мотото “Остави го таблетот, симни се пред зграда“. Зошто одлучивте да реализирате проект со кој ќе ги поттикнете најмладите жители на општината да излезат надвор од своите домови?

Здраво општество се гради од мали нозе. Сите сме свесни дека живееме во време кога компјутерите, таблетите и мобилните телефони станаа најдобри другари на децата. Затоа како локална самоуправа одлучивме да преземеме чекор со кој ќе се обидеме да го вратиме маалскиот живот и детскиот џагор барем во летните месеци. Тоа веројатно се забележува и од мотото на проектот -  “Остави го таблетот, симни се пред зграда“. Општина Центар организира вакви и слични активности веќе неколку години, ногодинава внесуваме нова енергија со тоа што покрај дружбите пред маало, ќе има и ликовна, музичка и театарска работилница. Значи, целта не нѝ е само да ги извадиме децата на улица туку и да ја поттикнеме нивната креативност и да ги откриеме нивните таленти. Може да заклучам дека проектот покрај социјална и забавна, ќе има и едукативна димензија.


2. За да ги мотивираме децата повеќе да излегуваат од своите домови и да се дружат со своите врсници во парковите, неопходно е да има соодветни детски содржини во сите делови на општината. Дали преземате нешто за изградба на нови и за рекоснтрукција на постоечките детски игралиште во Центар?

Се разбира дека работиме во овој сегмент. Всушност тоа беше дел и од нашата предизборна програма. Во општина Центар постојат повеќе паркови и игралишта, што се во целост реконструирани, обновени и комплетно адаптирани за потребите на децата. Тековно се грижиме за нив преку одржување на урбаната опрема и зеленилото. Оваа година работиме на реконструкција на игралиштето „Партизан“, игралиштето во ООУ „Ј.Х.Песталоци“ и во детската градинка „13 Ноември“, како и на улица Орце Николов. Верувам дека оваа година ќе ги завршиме овие проекти и ќе им овозможиме на децата од нашата општина одлични услови за дружење, игра и забава. Секако, планирана е и изградба на нови детски содржини во повеќе маала низ Центар. 

3. Освен игралишта, за децата се потребни и други настани, едукативни работилници, активности со што ќе се подобри квалитетот на нивното детство. Што планира општината на ова поле во претстојниот период?

Проектот „На одмор сум во Скопје сум – општина Центар мисли на мене“ е нашиот најголем проект од забавен карактер наменет за децата од сите возрасти од општината. Особено ни е значаен затоа што со него го боиме летото на секое дете со забава, уметност и игра. Како што напоменав, преку работилниците ќе биде опфатен и едукативниот аспект.

Оваа година сме насочени кон зголемување на безбедноста на учениците и подигнување на свеста кај возачите за подобрување на сообраќајната култура. Од септември во училиштата ќе имаме ученички безбедносни патроли, кои ќе им го олеснуваат на учениците пристапот до училиштата.

Се грижиме и за правилниот физички развој на нашите најмлади жители. На крајот на учебната година реализиравме превентивни прегледи на ‘рбетниот столб кај првачињата за утврдување на деформитети и препораки за навремено надминување на овие состојби. Во оваа насока, од септември во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за првпат ќе вклучиме наставници по физичко образование за учениците од одделенска насока, со цел да се зголеми нивната физичка активност и да се подобри квалитетот на наставата во оваа област.

Во 2017 година започнавме и со активности на ученичкиот дебатен клуб каде нашите ученици отворено разговараат на теми актуелни за нив, со што ја подобруваат својата критичка мисла, вештините за отворен дијалог и се вклучуваат во процесите на одлучување. Со оваа активност продолжуваме и во новата учебна година.


4. Летниот распуст е период и кога се санираат училишните објекти и дворови и се подготвуваат за следната учебна година. Во кои училишта интервенирате ова лето? До каде се градежните активности во ООУ „Гоце Делчев“?

Ова лето ќе интервенираме во основните училишта „Димитар Миладинов“ и „Кирил и Методиј“ и ќе ги уредиме дворот и патеките во основното училиште „11 Октомври“. Доградбата на новите училници во ООУ „Гоце Делчев“ е завршена. Во моментот се работи на фасадата и на набавка и поставување на опрема во внатрешноста на доградените училници. Со оваа интервенција овозможуваме подобри услови за настава на учениците во едно од најстарите училишта во општината, а новите просторни услови нудат и можност за запишување нови ученици.

5. Како напредува изградбата на новото училиште во Капиштец?

Изградбата на училиштето „Капиштец“ е во завршна фаза. Со гордост може да кажеме дека тоа ќе биде најмодерен објект од образовен карактер во нашата држава. Во моментов се поставува подното греење. Фасадата е поставена од три страни, се работи на последната. Потоа започнуваме со опремување на внатрешноста на објектот. Планот е во учебната 2019/2020 да ги пречекаме првите учениците во најсовремено училиште во Македонија, со највисоки стандарди и квалитет.

6. Општина Центар со години наназад им помага на родителите на учениците во основните училишта. Каква поддршка да очекуваат за учебната 2018/2019 година од локалната самоуправа?

Се трудиме колку што можеме да го олесниме процесот на образование и воспитување на децата од училиштата во нашата општина. Секое дете заслужува квалитетни услови за образование и ние сме максимално посветени да го обезбедиме тоа. Во таа насока, и оваа учебна година продолжуваме со ангажирање дефектолози за потребите на учениците со развојни и образовни потешкотии, како и учениците со полесни пречки во развојот, кои учат во нашите основни училишта. Преку обуки ги унапредуваме и вештините на наставниците за работа со овие деца. Дополнително, очекуваме и оваа, како и минатата учебна година, со поддршка на UNDP и на Агенцијата за вработување на РМ да продолжиме со вклучување на лични и образовни асистенти во основните училишта, кои ќе претставуваат помош и поддршка на учениците со потешкотии.

Во нашиот фокус се и талентираните ученици од општина Центар. Редовно им доделуваме стипендии на овие деца со единствена цел да ги мотивираме да продолжат да постигнуваат успеси и да работат на својата надградба. Секако ги поддржуваме и учениците од семејства во социјален ризик со доделување социјални стипендии и покривање на трошоците за екскурзии, со што овозможуваме инклузивност и еднаквост за сите ученици.

Да заклучам, ние како локална власт инвестираме во развојот на децата во Центар и мојот план како градоначалник е во идните години да има поголем број проекти посветени на нашите најмлади жители, затоа што впрочем не можеме да зборуваме за светла иднина ако претходно не изградиме здраво општество за нашите деца.


Слично

Поврзани вести