Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Кухар: Градејќи отпорни мрежи за иднината, Групацијата A1 ги унапредува 5G, вештачката интелигенција и сајбер безбедноста

Интервју Кухар: Градејќи отпорни мрежи за иднината, Групацијата A1 ги унапредува 5G, вештачката интелигенција и сајбер безбедноста

Фото: Вангел Тануровски

Во време кога дигиталната економија влегува во нова фаза на забрзана трансформација, а сигурната, брза и безбедна конективност станува критична инфраструктура за општествениот и економскиот развој, отпорните мрежи, напредната сајбер безбедност и интеграцијата на вештачката интелигенција се позиционираат како суштински предуслови за одржлив раст, иновации и долгорочна конкурентност. Во таков контекст, телекомуникациската индустрија има стратегиска улога во обезбедувањето стабилни дигитални темели врз кои се гради современата економија.

Како дел од Групацијата A1, A1 Македонија активно придонесува кон имплементација на напредни технолошки решенија на локалниот пазар, овозможувајќи сигурна конективност, која ги поддржува потребите на дигиталното општество. Во интервјуто,

Алекс Кухар, директор за технологија и трансформација во Групацијата А1, говори за влијанието на глобалните предизвици врз инвестициските приоритети, за практичната примена на вештачката интелигенција во управувањето со комплексни мрежни системи и за континуираното зајакнување на сајбер безбедносните капацитети, со јасна ориентација кон унапредување на квалитетот на услугите и корисничкото искуство во Македонија.

Како глобалните кризи ги обликуваат инвестициските приоритети на вашата Групација во мрежната инфраструктура и кои чекори ги преземате за да обезбедите отпорност и скалабилност?

Кухар: Секако, тековниот раст на цените на чиповите претставува предизвик. Мемориските чипови стануваат сè поретки поради силната глобална побарувачка, особено поттикната од изградбата на DCI дата-центри, што доведува до зголемување на цените. Сепак, ние продолжуваме да инвестираме со исто темпо како и досега. Каде што е можно, ги ублажуваме ефектите, но ова нема влијание врз нашите вкупни инвестициски планови, бидејќи чиповите се само еден дел од пошироката мрежна опрема. Ситуацијата не е идеална, но не е причина за загриженост.

Кога станува збор за отпорноста, пандемијата беше важен тест за мрежите. Во некои земји интернет-сообраќајот се удвои во период од неколку месеци, бидејќи луѓето масовно работеа од дома и повеќе користеа дигитални услуги. Тогаш постоеше загриженост дали мрежите ќе можат да го издржат таквиот раст, но тие се покажаа како исклучително стабилни. Од таа ситуација научивме многу – кризите ја зајакнуваат индустријата и поттикнуваат континуирано унапредување.

Телекомуникациската инфраструктура се развива со децении и денес мрежите се многу отпорни. Дополнителен важен аспект на отпорноста е сајбер безбедноста, која останува еден од нашите највисоки приоритети. Постојано инвестираме во зајакнување на ИТ-системите и на мрежите, со цел да детектираме закани какви што се DDoS напади, при кои голем обем злонамерен сообраќај се насочува кон мрежата со цел да се наруши услугата. Нашиот фокус не е само заштита на мрежната инфраструктура, туку и заштита на нашите корисници.

Активно ги поддржуваме бизнис-корисниците, без разлика на нивната големина, во зајакнување на нивната отпорност на сајбер закани. Вештачката интелигенција, исто така, ќе донесе нови предизвици, бидејќи овие технологии можат да бидат злоупотребени, па затоа ќе продолжиме да учиме и да се приспособуваме на новите ризици.

Каква практична улога има вештачката интелигенција во управувањето со мрежите, оптимизацијата на перформансите и подобрувањето на корисничкото искуство?

Кухар: Вештачката интелигенција веќе широко се користи во апликации и услуги со кои корисниците директно комуницираат, но нејзината улога е значајна и во самото функционирање на мрежите. Постојат две клучни насоки.

Првата е автоматизацијата на управувањето со мрежите. Телекомуникациските мрежи се исклучително комплексни системи составени од илјадници елементи што комуницираат меѓусебно. Кога корисник користи мобилен интернет или остварува повик, сигналот поминува низ повеќе мрежни компоненти, што создава сложен систем со потенцијални точки на прекин.

Вештачката интелигенција помага преку анализа на големи количини податоци кои мрежата ги генерира, овозможувајќи побрзо препознавање на неправилности и потенцијални проблеми. На тој начин се подобрува управувањето со мрежите, се забрзува решавањето на проблемите и се подобрува квалитетот на услугата.

Втората насока е дека вештачката интелигенција веќе е интегрирана во самата мрежна технологија. На пример, невронски мрежи се вградени во базните станици – инфраструктурата што овозможува поврзување на мобилните уреди. Ова овозможува подобра оптимизација на сигналот, повисоки брзини и подобри перформанси. Во таа смисла, вештачката интелигенција веќе е составен дел од современите телекомуникациски мрежи.

Со оглед на брзиот развој на сајбер заканите, како вашата Групација ја зајакнува одбраната, ги штити податоците и обезбедува сигурност на услугите?

Кухар: Сајбер безбедноста е централна тема за нашата Групација. Како пример, воспоставивме заеднички Cyber Operations Center, каде што експерти за сајбер безбедност од сите пазари на A1 работат заедно. Овие експерти се високо специјализирани и преку обединување на нивното знаење на ниво на Групација, можеме поефикасно да ги адресираме безбедносните предизвици во сите мрежи.

Преку овој заеднички оперативен модел, интегриран тим ги следи сите пазари, овозможувајќи побрзо откривање закани и координирана реакција. Овие можности им ги ставаме на располагање и на нашите корисници, помагајќи им да ја зајакнат сопствената отпорност на сајбер ризици.

Сајбер безбедноста во суштина се заснова на собирање и анализа на податоци со цел навремено препознавање ризици и преземање соодветни мерки за заштита на мрежата и на корисниците. Континуираните инвестиции во нови технологии ни овозможуваат да останеме подготвени за новите закани.

Кои се клучните технички предизвици и можности што ги гледате на македонскиот пазар и како вашиот тим ја приспособува технологијата на локалните потреби и очекувања?

Кухар: Наш приоритет е да останеме релевантни за корисниците преку континуирано подобрување на перформансите и на сигурноста на мрежата. Во фаза сме на проширување на 5G мрежите, со цел да обезбедиме поголеми брзини и постабилна конективност.

Истовремено, корисничкото искуство сè повеќе зависи не само од мобилната мрежа, туку и од квалитетната фиксна интернет-конекција во домот. Сигурната покриеност во затворен простор е од суштинско значење, што значи обезбедување силен Wi-Fi сигнал во секоја просторија. Ова бара континуирана оптимизација на домашните конективни решенија и внимателна анализа на податоците за перформансите на мрежата.

Преку напредна аналитика и понатамошен развој на мрежите, нашата цел е корисниците да имаат брза и стабилна конекција каде и да се наоѓаат – било преку мобилен уред или фиксна интернет-мрежа во домот.


Слично

Поврзани вести