Интервју Цаци Паковска: Канцеларија на моќен политичар треба да го изразува и во ентериерот
На телевизискиот екран ја запознавме преку Стилисимо. Но, таа беше присутна и во низа други проекти каде се грижеше за визуелниот печат. Уметничката душа на нејзината мајка, темпераментот на татко ѝ, архитектурата како професионална определба во живот, комбинирани со нејзиниот љубопитен дух и овозможуваат да создаде вистинска уметност во својата работа. Вљубена во Италија, посебно во Милано. Мајка на Војдан, која ужива максимално во љубовта и посветеноста кон него. Од неодамна и со своја линија на чевли. Цаци Паковска ни раскажува за себе и своите животни предизвици

Колку музика има во вашиот живот?
Паковска Музиката е една од најзначајните работи во мојот живот. Дури и според изборот на музика, можам да направам животна или естетска анализа за некој човек. За мене авторите на добра музика се генијалци. Тоа секој не го може. Музиката ме развеселува или комплетно може да ме онерасположи. Музиката ме инспирира. Можеби и затоа многу ретко слушам радио, бидејќи ми пречат разговорите и рекламите. Јас сум од оние кои постојано имаат пуштено плеј листа во автомобил или на работа. Има музика од која се ежам и не можам да го сфатам фактот што многумина би можеле да слушаат и народно, и техно и поп или рок. Дури и мојата нетолеранција кон неквалитетна музика ја има наследено мојот син, за што сум посебно горда.
Женски Магазин– Како според вас би изгледала канцеларијата на моќна политичка личност, жена? Посебно ако би ја правеле вие.
Паковска За мене убаво уредениот дом или работно место е едно од најважните нешта. Сѐ околу нас индиректно не инспирира, ни влијае на одлуките и расположението. Стилот на еден човек се чита и преку неговиот дом или работен простор. Нашиот карактер треба да се чита од ентериерот на нашето работно место. Ако се работи за една моќна политичка личност, тогаш треба тоа да го прочитаме и во самиот ентериер. Кога станува збор за дизајнирањето на една канцеларија, навистина не постојат цврсти и брзи правила. Кога се разгледуваат различните идеи за уредувањето, ќе сакате тоа да биде простор кој ќе ве прави вас да се чувствуваат удобно, но исто така тоа да биде е функционален простор за вашата работа. Контрастите на старо-ново, класично и модерно, еднобојно и шарено се мојот главен акцент кога станува збор за внатрешното уредување.
