Интервју - Бранкица Толевска, А1 Македонија: Инвестираме во културата како основа за трајна вредност и јасен идентитет
Во општество што сè почесто ја мери вредноста на работите според нивната моментална употребливост, културата потсетува дека постојат содржини што не се создаваат за „сега“, туку имаат трајна вредност. Уметноста и културното творештво се дел од колективната меморија, нешто што се наследува, надградува и повторно се оживува низ новите генерации.
Во таков контекст, А1 Македонија ја гледа својата улога не само како компанија што обезбедува поврзаност, туку како партнер кој сака да придонесе кон зачувување и развој на трајни културни вредности и нивно доближување до сите, а особено до младите. Разговараме со, Бранкица Толевска од А1 Македонија која зборува за културата како наследство, за младите како нејзини современи носители и за општествената одговорност како долгорочна грижа за смислата што останува.
А1 Македонија годинава ја заокружува со неколку значајни спонзорства и тоа на најеминентните културни манифестации во земјата, „Охридско лето“ и „Браќа Манаки“,а брендот се појави и како подржувал на театар за деца и младинци и на уште неколку други значајни културни настани. Природно, се наметнува и првото прашање, зошто токму културата?
Културата за А1 Македонија претставува долгорочна вредност со значајно општествено влијание. Не ја третираме како изолиран настан, туку како клучен елемент во обликувањето на општествениот идентитет, колективната меморија и меѓугенерацискиот континуитет.

Нашата стратегија е насочена кон интеграција на технолошките капацитети со културните содржини, со цел создавање одржливи ефекти врз заедницата. Како телекомуникациска компанија, ја разбираме нашата улога во трансформацијата на начините на комуникација, учење и креативно изразување.
Преку современа дигитална инфраструктура, платформи и експертиза, овозможуваме културните иницијативи да бидат подостапни, поинклузивни и технолошки унапредени. Развојот на дигиталните алатки и вештачката интелигенција го гледаме како можност за проширување на креативниот потенцијал, подобрување на интеракцијата меѓу авторите и публиката и отворање нови формати на културно искуство.
Поддршката на културата за А1 Македонија не претставува комуникациска или маркетинг активност, туку стратешко вложување во општествен капитал и во долгорочни вредности што придонесуваат за одржлив развој. Со тоа, ја зајакнуваме релевантноста на културата во современиот контекст и го потврдуваме нашиот корпоративен ангажман да создаваме позитивно и трајно влијание врз генерациите што следуваат.
Како А1 Македонија ја разбира улогата на младите во современото општество и културниот развој?
Апсолутно сме убедени дека младите се активни носители на промени, а во ниту еден случај не се пасивна публика. Тие ја наследуваат културата, но истовремено ја преиспитуваат, ѝ даваат нов јазик и нова форма. Токму затоа, нашата улога како компанија со широко општествено влијание е да создадеме услови каде тие можат да создаваат, да експериментираат и да придонесуваат кон културниот развој на општеството на одржлив начин.

Во А1 тоа го правиме преку нашите услуги и технологии. Со мобилна и фиксна интернет инфраструктура, дигитални платформи и алатки за комуникација, младите имаат можност да се поврзат, да учат и да ја споделуваат својата креативност со поширока публика. Како што им овозможуваме на младите да истражуваат и да создаваат во културата, така и нашите услуги ги поттикнуваат да бидат дигитално иновативни, поврзани и подготвени да влијаат на иднината на општеството.
Во јавноста често се поставува прашањето дали културата е трошок или инвестиција. Каков е ставот на А1?
Нашиот став е јасен, а тој е дека културата не е трошок, туку инвестиција. И тоа инвестиција со долгорочен поврат, кој не секогаш може веднаш да се измери во бројки, но е пресуден за квалитетот на општеството. Културата гради вредносни системи, поттикнува критичка мисла и создава контекст во кој младите учат да размислуваат, а не само да консумираат. За А1, вложувањето во култура значи вложување во стабилно, свесно и одговорно општество. Вложуваме да ги вратиме младите назад во кино, театар, на концерт, вложуваме во вредности кои оставаат траен белег на општеството и го унапредуваат квалитетот на живеење.
Како оваа теза се рефлектира во конкретните активности и спонзорства на А1?
Како компанија што застанува зад институции од национално и меѓународно значење како „Охридско лето“ и фестивалот „Браќа Манаки“, чуствуваме длабока одговорност. Станува збор за културни столбови со децениска традиција, кои не само што го дефинираат уметничкиот и филмскиот квалитет во земјата, туку ја позиционираат Македонија на светската културна мапа.

„Охридско лето“ е синоним за уметничка извонредност — фестивал што со својата програма создава уникатно културно искуство и претставува еден од најпрепознатливите брендови на македонската култура. Фестивалот „Браќа Манаки“, пак, е темел на филмската уметност и кинематографијата во регионот, платформа што со децении ја негува визуелната култура, го слави авторството и им отвора простор на нови генерации кинематографери да се афирмираат на највисоко професионално ниво.
Поддршката на овие фестивали за нас значи вложување во врвни стандарди, културен интегритет и долгорочен развој на уметноста. Тоа е поддршка на институции што создаваат трајни вредности, градат културна меморија и обезбедуваат континуитет помеѓу генерациите уметници и публика.
Паралелно со тоа, преку иницијативи како „Game Fest“, ја препознаваме еволуцијата на културниот израз и растечката улога на дигиталната креативност. Со поврзување на традицијата и иновацијата, создаваме културен екосистем што ја почитува историјата, а истовремено активно ја гради иднината.
Каква е улогата на технологијата во овој процес дали таа ја менува уметноста?
Улогата на технологијата е да биде медиум што ја поддржува и засилува креативноста, а не да ја дефинира. Како телекомуникациска компанија, А1 Македонија има одговорност не само да обезбеди сигурна и современа инфраструктура, туку и да поттикне свесна и одговорна употреба на технологијата како културен простор, а не исклучиво како средство за забава.
Преку ваков пристап, технологијата станува платформа за културен развој, дијалог и инклузивност, придонесувајќи кон одржлив културен екосистем што ги поврзува традиционалните вредности со современите форми на израз.
Каква порака А1 им испраќа на младите кои создаваат во дигиталната ера?
Технологијата треба да се користи како силен сојузник на креативноста. Да се твори без страв, со самодоверба и интегритет, и активно да се користат сите достапни платформи за да се зголемат продуктивноста, видливоста и досегот. Во исто време, одговорното и свесно користење на технологијата е клучно за одржлив креативен развој. Кога се користи промислено, технологијата овозможува идеите побрзо да се претворат во содржини со реално влијание и трајна вредност.
