ХРАНА ВО ПАРТИСКА ОБЛАНДА: Што навистина јадеме?
Препукувањата меѓу власта и опозицијата за безбедноста на храната, не запираат. Но ваквите партиските преписки, го отворија прашањето дали граѓаните можат да бидат сигурни дека купуваат безбедна храна и како се контролира храната?
Дополнителниот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски деновиве обвини дека Агенцијата за храна и ветеринарство лани пет месеци не го спроведувала законскиот мониторинг за безбедност на храна. Директорот на Агенцијата Зоран Поповски возврати дека мониторингот не е врзан за рокови и е неофицијален, а храната редовно се контролира.
Дел од експертите од оваа област сметаат дека мониториг контролите се од особена важност затоа што укажуваат на потенцијални проблеми со безбедноста на храната и истите се прават во различни периди од годината во зависност од видот на производот.
-Постои разлика помеѓу официјална контрола и мониторинг контрола. Официјалните контроли на прехранбени производи се контроли што се одвиваат редовно во текот на целата година и тоа во согласност со планот за земање на проби за утврдување на безбедност на храната од секој оператор со храна што е регистриран во Република Македонија. Мониторинг контрола е контрола што се прави во различни периоди во годината (кои се различни и зависат од типот на производ) и кои всушност преставуваат индикатор за општата безбедност на храната во една држава и се употребува при правење на анализа на ризици. Токму овој аспект на мониторинг контролите е од особена важност затоа што на државата и производителите им укажува на потенцијални проблеми со безбедноста на различни прехранбени производи пред да дојде до вистински проблем, односно инцидент со безбедноста на храната, па затоа се и клучна алатка за утврдување на опшата безбедност на храната, вели за Фактор професор д-р Владимир Какуринов, извршен директор на Консалтинг и тренинг центар „Клуч“.
Какуринов посочува дека мониторинг програмите мора да се спроведуваат во согласност со Законот за безбедност на храната, за што е надлежна АХВ, а добиените резултати од оваа програма од претходната година и мониторинг планот за идната година АХВ мора да ги проследи до Комисијата на Европската Унија, односно DG SANCO, кој го одобрува мониторинг планот за наредната година.
-Во нашата држава постои, План за надзор и мониторинг на резидуи и недозволени супстанции (остатоци од ветеринарно-медицински препарати, пестициди и загадувачи од надворешната средина, како и одредени недозволени супстанции кои може да се најдат во храната од животинско потекло) при одгледување на животни (живи) и примарното производство на храна од животинско потекло (суровини и производи од животинско потекло) и тоа на ниво на: фарма, млекарница, кланица, објект за преработка на риби и центар за собирање и пакување на јајца. Овој план се базира на Одлукаата на Европската Комисија од 2014 година за мониторинг плановите шо се поднесуваат од трети земји (затоа што Република Македонија сéуште не е членка на ЕУ). Според овој план, Република Македонија мора да се врши мониторинг на: говедско, свинско, овчо, козјо месо и месо од живина и дивеч, аквакултура, млеко, јајца и мед, но не и на: коњско и зајачко месо и одгледуван дивеч. Потоа има Мониторинг на зоонози и предизвикувачи на зоонози. Овој план за мониторинг се врши во сите фази на ланецот на храна, односно во фаза која е најсоодветна за определена зооноза и/или предизвикувач на зооноза, посочува Какуринов.
Има ли Македонија квалитетни механизми за следење на безбедноста на храната?
Минатата година за Програмата за мониторинг на безбедност на храна од буџетот се издвоени 163 илјади евра. Македонија има Закон за безбедност на храна изготвен по европски регулативи, но дали законските решенија гарантираат за безбедноста на храната? Според професорот Какуринов секој систем за следење на квалитетот и безбедноста на храната секогаш може да биде подобар. Какуринов посочува дека според организацијата за храна и земјоделство ФАО и Светската здравствена организација - СЗО во светот постојат 3 системи за контрола на безбедноста на храната:
- Фрагментиран систем - каде што одговорноста за креирање, следење и одговорност за безбедност на храната е поделена во различни министерства, дирекции итн. Овој систем нема позитивни страни, а негативни се: фрагментираност и не-координираност помеѓу телата што се одговорни за безбедноста на храната, не-еднаква примена на законските одредби итн. Овој систем беше присутен во Република Македонија се до формирањето на Агенцијата за храна и ветеринарство.
- Унифициран систем. Кај овој систем постојат две варијанти - сите тела за контрола да се под едно Министерство (што е полоша варијанта) или под Агенција (што е подобра варијанта). Позитивните страни на овој систем се: униформа примена на мерките за безбедност на храната, подобрена ефикасност на трошоците за контрола на безбедност на храната, хармонизирање на системите и стандардите и другите мерки за контрола на безбедноста на храната. Негативни страни се: монополизација на системот, големи шанси за појава на нетранспарентно работење и можност за појава на корупција.
- Интегриран систем. Овој систем подразбира формирање на тело, институција, организација што е независна од: Владата, прехранбената индустрија и специфичните секторски интереси. Ова е најдобриот систем, затоа што не постојат негативни страни, а позитивни се: транспарентност на системот, опфаѓање на целиот синџир на храна, функционално разделување помеѓу проценката на ризици и управувањето со ризици и создавање на механизам за координирана имплементација на сите активности за контрола на безбедноста на храната.
Слично
