Градоначалниците од Полог со иницијатива за заеднички механизам за справување со поплавите
Градоначалниците на општините од полошкиот регион, ја официјализираа иницијативата за подобрување на меѓуопштинската соработка во управувањето со поплавите и другите придружни ризици. Преку формирање заеднички, функционален механизам за соработка, општините ќе споделуваат ресурси заради зголемување на ефектите од заштитата од поплавите и искористување на потенцијалите за развој на регионот.
Оваа иницијатива е поддржана од УНДП во рамките на проектот Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Швајцарскиот Секретаријат за економски прашања (SECO).
„За да се постигне вистинско подобрување на отпорноста кон поплави, надворешната поддршка не е доволна. Решенијата треба да произлезат од најзасегнатите и најзагрозените – од самите заедници и од надлежните институции на локално и централно ниво”, изјави Луиза Винтон, Постојаната претставничка на УНДП во Македонија, на средбата со градоначалниците и претседателите на советите на општините од полошкиот регион.
На работниот состанок, што се одржа во Тетово, беа разгледани целите на проектот, како и последните резултати од сеопфатните анализи на ризикот од поплави во регионот. Се отвори дебата и за типот на мерки кои се очекува да бидат имплементирани во наредните неколку години како одговор на предизвиците, како и улогата што општините и другите институции ќе ја имаат во неговата реализација.
Потенцирана беше потребата и самите општини да учествуваат во финансирањето на проектот, како дополнување на донаторските средства од Швајцарија, со цел да се покаже дека се препознава потребата од инвестиции во превенцијата на поплавите и нивната долгорочна одржливост.
Само во период од неколку години во регионот се случија повеќе поплави кои однесоа човечки животи и предизвикаа огромна материјална штета. Поради комплексноста на проблемот и решенијата што треба да се воведат на долг рок, како што беше истакнато на средбата, препозната е потребата од здружување на силите во заштитатана населението и материјалните добра од поплавите и другите придружни негативни ефекти.
