Економија, финансии, бизнис

Контакт

Голем интерес за фискалните сметки – се бараат дури и кога не треба

Голем интерес за фискалните сметки – се бараат дури и кога не треба
„Госпоѓо, ќе ве молам дајте ми фискална сметка, бидејќи ќе се возам со жичарата“, вака еден скопски пензионер вчера бараше фискална сметка од билетарницата на Средно Водно,  уверен дека треба да ја добие иако не плаќа за билет, затоа што возењето за пензионери на жичницата е бесплатно. Откако разбра дека сепак не може да добие фискална, револтирано се тргна од касата мрморејќи дека сака да праќа сметки за наградна игра, сведочи репортерот на Фактор кој случајно се најде на местото. Голем дел од граѓаните, ако претходно оделе по еднаш дневно во продавница, сега се враќаат повеќепати во текот на денот, купувајќи по малку, сведочи и касиерка на една локална продавничка во населбата Аеродром. „Знаеме дека доаѓаат почесто за повеќе фискални сметки, но ние сек0гаш сме им ги давале и пред да почне наградната игра“, вели таа. Дека интересот за наградната игра „Фискална на рака, награди без мака“ е голем, тврди денеска и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. „Сите бараат фискални сметки. Дури и продавачите ги советуваат луѓето да земаат фискални сметки за да добијат вредни награди. Очекувам дека интересот од ден на ден ќе расте. Првото коло ќе биде на 30 декември кога непосредно пред Нова година некои од учесниците во играта ќе добијат стан, дуќан, кола и други вредни награди“, истакна Ставрески. Наградната игра „Фискална на рака, награди без мака“ официјално почна на 1 декември. Според најавите, ќе трае до крајот на 2014 година. За да учествуваат граѓаните треба да соберат 20 фискални сметки, независно од вредноста која е на нив, како и на видот од стоката или услугата која што ја платиле. Организатор на играта ќе биде државната лотарија, а ќе бидат доделени три стана, три дуќани и девет автомобили како главни награди, но и голем број вредносни ваучери од 3.000 до 60.000 денари.
Слично

Поврзани вести