Глоба до 5.000 евра за неозначени алергени на храната
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски изјави дека домашните фирми - оператори со храна ќе бидат казнети согласно Законот за безбедност на храна доколку по јуни оваа година не ги означат алергените што ги содржат производите.
„Задолжително ќе биде означувањето на алергените кои се прецизирани во водичот што го изработи Агенцијата за храна и ветеринарство, а е достапен за операторите со храна на македонски и на албански јазик. Алергените ќе треба да се означуваат со задебелени букви. Задолжително е и означувањето на нутритивната вредност на прехранбениот производ", објасни Поповски на денешната прес конференција, на која беше истакнато дека новите правила нема да создадат трошоци за операторите на храна.
Според новите измени, на амбалажата на производ треба јасно да бидат наведени потеклото на храната, нутритивната вредност и отстапките во нето тежината.
Македонските оператори кои извезуваат храна во земјите членки на Европската Унија ги применуваат овие правила од декември минатата година.
Слично
