„Гени, мени, сени“ е роман каков што бара и раѓа нашето време
Новата книга на Владимир Лукаш, „Гени, мени, сени“, беше промовирана вчеравечер во „Литература.мк“ на ул. Македонија, во рамките на „Денови на литературата“.
Книгата, во издание на „Супрема“ ја промовираше уредничката Оливера Ќорвезироска, низ разговор со самиот автор.
Ќорвезироска промоцијата ја започна читајќи го самиот почеток на романот, а ја заврши со крајот на романот, претставувајќи ја книгата преку симулирана idem per idem постапка, како омаж на структурата на романот, но и како омаж на концептуалната наративна стратегија на авторот, зашто „Гени, мени, сени“ не е роман каков што сме научиле да биде туку роман каков што бара и раѓа нашето време.
„’Гени, мени, сени‘ ја покажува преобразбата на кусата проза (на микро план) во роман (на макро план), поддржана со здружноста на поетското и ликовното, на факциското и фикциското. Она што го сметам за возбудливо и ретко во современата книжевна продукција кај нас и пошироко, е фактот што ’Гени, мени, сени‘ се чита како збирка раскази и прозно-поетски меланжи кои откако ќе се прочитаат остваруваат впечаток на прочитан роман. Големо стакло од мали срчи. Долго време од куси мигови. Овој ефект е подеднакво интересен и творечки и рецепциски“ – истакна Ќорвезироска.
Владимир Лукаш (1978) е музичар, визуелен уметник и писател. „Гени, мени, сени (Потеклото на бабите“ е негова десетта книга. Претходно ги има објавено: „Мамурлаци“, „Се гледаме наскоро. Е.“, „Дедлајна, љубов моја“ (за возрасни); „Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“ (артбук), „Ши, Ѕифри, Копчи“, „Поклони се и почни“, „Пу за Мите, пу за сите“, „Суштествијада“ (за деца) и „Радишански прелудиуми“ (минијатури за пијано). Има илустрирано повеќе книги, реализирано многу групни и самостојни изложби, автор е и на неколку анимирани филмови.
Книгата е во издание на „Супрема“ и достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, на следниот линк https://www.literatura.mk/makedonska-knizevnost/43154-geni-meni-seni-potekloto-na-babite
Слично
