(ФОТО) НА ИНФЕКТИВНА СТРОГО СЕ ПОЧИТУВААТ ПРЕПОРАКИТЕ - здравствените работници се заштитени, рекле инспекторите
Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера извршил вонреден инспекциски надзор во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Ова било во врска со заклучоците на Главниот координативен кризен штаб за почитување и примена на протоколите и препораките за употреба на лична заштитна опрема (ЛЗО) од страна на здравствените работници при укажување здравствени услуги согласно нивоата на здравствена заштита и ризикот од КОВИД-19, а со цел спречување на ширење на инфекцијата.
„При надзорот во Клиниката е констатирано дека строго се почитуваат препораките за употреба на лична заштитна опрема од страна на здравствените работници, како и соодветната организираност и одржување на клиничкиот објект“, соопшти Владата.

„При инспекцискиот надзор е констатирано пред влезот кон болничкиот оддел има пулт опремен со дезинфициенси и Лична заштитна опрема (ЛЗО - медицински маски, заштитни маски N95, капи, каљачи, заштитни очила, визири, ракавици, три вида на мантили, скафандери, ПВЦ престилки – сите за еднократна употреба), која се користи во зависност од видот на здравствената услуга што треба да му се укаже на пациентот (преглед, земање брис, интубација, аспирација, аплицирање терапија исл.).
Согласно протоколите за употреба на ЛЗО, во зависност од медицинската интервенција и степенот на ризик, испечатени се протоколи и протоколи во вид на постер се поставени видливо над пултот со ЛЗО“, децидни се од Владата.

Со цел максимално да се заштити медицинскиот персонал, комплетно и соодветно облечениот здравствен работник се задржува најмногу два часа во болничкиот оддел и пред да излезе во филтер зоната ја соблекува облеката и ја фрла во корпа за медицински отпад, дезинфицира раце, па оди на миење раце согласно протокол.

При извршениот вонреден инспекциски надзор, од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат не се констатирани никакви недостатоци“, се нагласува во владиното соопштение.
