Европската унија подготвува нова тужба против „Google“
Во текот на следните неколку недели Европската унија може да поднесе нова тужба против „Google“ за злоупотреба на доминантната позиција во сегментот на некои интернет услуги.
Во моментов европските институции разговараат со компаниите кои поднеле жалби против „Google“. Властите сакаат да добијат дозвола од фирмите да објавуваат дел од податоците кои би биле поднесени доверливо.
Според изворите ЕУ сака да ја продолжи започнатата пред пет години истрага против „Google“. Таа беше прекинувана три пати и испровоцира неколку сериозни политички дискусии помеѓу ЕУ и САД.
Обвиненијата се дека „Google“ користи пребарувач, за да го привлече вниманието на корисниците кон своите услуги, додека свесно го намалува рангот на некои конкуренти.
Паралелно со тоа, ЕУ ќе продолжи да бара од „Google“ и другите интернет пребарувачи да „заборават“ информации за корисниците кои пребарувале низ целиот свет. Во моментов резултатите се кријат само од европските корисници, што според регулаторите во ЕУ не е доволно.
