ЕВН нема одговорност за внатрешната инсталација на корисниците
Повторното приклучување на корисниците на мрежата на Електродистрибуција е секојдневна активност на екипите од секој Кориснички енерго центар на компанијата. Почитувајќи ги законските одредби и интерните процедури, вработените на Електродистрибуција секој ден вршат по стотици повторни приклучоци на ниво на целата држава. Во конкретниот случај, корисникот кој е исклучен, по наплата на долгот за потрошена електрична енергија и износот за повторен приклучок, е приклучен во мрежата.
Екипите на Електродистрибуција се обврзани со рок да постапат согласно налогот за повторен приклучок, кој се издава непосредно по плаќањето - барањето за повторен приклучок од страна на исклучениот корисник.
Во моментот на приклучување на корисникот, на мерното место не беше констатиран никаков дефект. Вработените кои излегуваат на терен не се во можност да знаат како корисниците ја користат електричната енергија во нивните домови, правилното и разумно користење на електричните апарати во домаќинствата е одговорност на самите корисници.
