ЕВН: Место на шалтер, банките сами ќе Ви одбиваат пари за потрошена струја
ЕВН Македонија започна заедничка кампања со банките за промоција на трајниот налог како опција за редовно плаќање на сметките за електрична енергија.
„Плаќањето на сметките за електрична енергија преку траен налог бара минимален ангажман на корисникот, а за возврат значи сигурно редовно подмирување на долговите за електрична енергија. Трајниот налог практично е алатка за сигурно плаќање на сметките за електрична енергија на време секој месец, избегнувајќи ја можноста за камата за задоцнето плаќање, како и автоматско плаќање при што се избегнува чекањето на редови во банките и другите места за наплата“ соопштуваат од компанијата.
Склучувањето на траен налог, посочуваат, е едноставно и брзо.
„Се што треба да направи корисникот е да отиде во најблиската експозитура на неговата банка и да склучи договор за траен налог. Со цел да се олесни склучувањето на трајниот налог, развиен е и унифициран формулар функционален во повеќето банки. Формуларот корисниците можат да го преземат и од веб страната на ЕВН Македонија, како и во сите приемни канцеларии низ Македонија. Дополнителни информации може да се добијат во контакт центарот на ЕВН Македонија, на 0890 12345, информираат од ЕВН Македонија.
