ЕВН Македонија со нов проект „ЛОСТ“ за стипендирање на студенти од семејства со ниски месечни приходи
ЕВН Македонија со задоволство ја најавува новата програма за стипендии „ЛОСТ“ за која ќе можат да конкурираат студентки и студенти со ниски семејни месечни примања запишани на електро-енергетските насоки на некој од електротехничките факултети во земјава. За поддршка на 10 студентки и студенти, кои потекнуваат од семејства со вкупни месечни примања пониски од две минимални плати, во текот на една учебна година, ЕВН ќе одвојува по 8000 денари месечно и ќе овозможи учење преку работа, менторска поддршка, како и личен и професионален развој.
Можност да добијат стипендија имаат и кандидатки и кандидати кои за прв пат годинава сакаат да се запишат на факултет. Услов за добивање на стипендија ќе биде да бидат примени како студенти на соодветните факултети.
Обврска на стипендистите е редовно да ги полагаат испитите од тековната година.
Сите заинтересирани своите прашања и апликации можат да ги испратат електронски на jobs@evn.mk до 30 септември 2020.
