Едукативна патека за деца во Маврово
Повеќе од 70-тина ученици ја посетија едукативната патека за деца и научија за биолошката разновидност во Националниот Парк Маврово
Околу 70 ученици од основното училиште Петар Пор Арсов од Скопје научија за биолошката разновидност на Националниот Парк Маврово преку прошетка со водичите од здружението UpLand Adventure. Детската едукативна патека во локалитетот Бунец во Маврово е опремена со информативни и едукативни табли со информации за растителниот и животинскиот свет во Маврово додека водичите се специјално обучени за работа со деца.



Едукативната патека, отворена за посетителите веќе втора година, е наменета за деца со возраст од 6 до 12 години и е долга 1 километар. Заедно со водичите децата имаат можност да решаваат загатки и да научат нешто повеќе низ посебно конципирани игри, а за разгледување се достапни и дополнителни елементи како хотел за инсекти, ксилофон и дел за набљудување на орли.



Осмислувањето на детската содржина на патеката како и обуката на водичите беше потпомогната од страна на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост.
