Економија, финансии, бизнис

Контакт

Е – трговија на нашите простори: што сѐ треба да знаете за онлајн тргување?

Е – трговија на нашите простори: што сѐ треба да знаете за онлајн тргување?

Изминува 2020та, годината во која научивме термини и процеси кои не ги ни сонувавме дека ќе влезат во секојдневна употреба: дигитализација, виртуелна продавница, суспектен, ПЦР... 

Еден од тие клучни термини и процеси ( да бидеме искрени - едно од ретките добри нешта кои се случија изминатиот период) е растот на е-трговијата на овие простори, отварајќи простор за нови иновативни канали за продажба, правејќи ги локалните продукти подостапни за обичните купувачи, и отварајќи можности за нови работни места, онаму каде досега се чинело тоа невозможно.

Кај нас е-трговијата е прилично нова зона за истражување и оптимизација како за големите компании, така и за трговците – поединци и постојат навистина неколку лесни и едноставни, но исклучително важни „правила на игра” во е-трговијата, кои ќе ги продискутираме заедно со Филомена Пљаковска – Аспровска, Главниот Извршен Директор на КаСис АД Скопје и воедно врвен експерт од доменот на платежната индустрија.

Почнуваме од најважното: Македонија е безбедно место за е-трговија. За сиот процес да се одвива безбедно и брзо, без разлика на зголемените барања од страна на потрошувачите и самите бизниси, се грижи компанијата која е технички провајдер за најголемиот број на трансакции и која подлежи на годишна сертификација и лиценцирање од страна на меѓународните мрежи MasterCard и Visa – по стандардите PCI DSS/PIN PCI. Сите механизми и сета експертиза градена низ 18 годишното работење на КаСис ја ставаме во целосна служба на сите граѓани во нашата држава, правејќи ја една од најбезбедните држави за ваков тип на трансакции во регионот. Ние ги исполнуваме истите стандарди што ги исполнуваат глобалните провајдер на е-трговија како АлиЕкспрес, Ebay, Amanzon, PayPal...исто така, овие проверки и сертификации се редовни, и воедно клучни за нашето ефективно секојдневно работење во оваа индустрија. 

Внимателно во виртуелниот свет, подеднакво како и во физичкиот – иако веќе се воведени протоколи за бесконтактно плаќање (картички каде нема потреба од внесување на пин при физичка наплата), колку пати сте чуле туѓ ПИН- код на каса во маркет? Колку пати сте отвориле Facebook страница „ОРИГИНАЛ ПАТИКИ ДОСТАВА ЗА ЕДЕН ДЕН”, која се бави со онлајн нарачки и достава низ цела држава, и ви биле побарани вашите податоци без никаква гаранција за чување на истите?

Онлајн светот е подеднакво полн со предизвици и сигнали за опасност како и реалниот, физичкиот. Едноставно, не оставајте никакви податоци на сајтови кои не се сертифицирани или немаат соработка со некоја од банките во државата.

Е – трговијата не значи намалување на работни места, туку токму спротивното! Со отворање на  онлајн продавница за вашиот бизнис, без разлика на неговата големина, вие буквално отворате нов, дополнителен канал за продажба, начин да ги понудите своите производи без временски и територијални ограничувања и можност да остварите побрза и поефикасна комуникација со вашите тековни и идни потрошувачи. Оттука, вашиот бизнис и грижата за вашите потрошувачи може само да оди нагоре за вас.Само напред, млади претприемачи и искусни компании, со секој ваш чекор на патот кон дигитализација на вашето секојдневно работење. 

Купување онлајн? Отворање на електронска продавница?  Лесно како 1, 2, 3 – но каде да внимавате најмногу?

Верувале или не, за време на оваа пандемија бројот на новоотворени е – продавници е зголемен за 24 % во однос на 2019 година, што е за 8% поголем раст во однос на претходните години. Од друга страна, дигитализацијата носи и ризици од сајбер напади и злоупотреба на податоците на клиентите, доколку не се обрне внимание на сигурноста и безбедноста.Затоа совет, пред купување на интернетпочнете од визуелните сигнали кои ги добивате од нечиј сајт. Неговата едноставно кажано – писменост, начинот на кој е структурирана самата понуда на сајтот, дали и колку реклами има, дали во долниот дел на сајтот ги има потребните сертификатиза онлајн тргување, па дури и јаркоста, интензитетот и нелогичноста на поставеноста на боите некогаш е показател за тоа дека се работи за сајт зад кој стојат измамници, натаму - дали има услови за користење и политика за приватност, лого на банка и дополнителни ознаки кои укажуваат ма зголемена безбедност. Доколку во веб адресата има https тоа укажува на безбедна комуникација и пренос на вашите податоци. Доколку при купувањето добиете еднократна лозинка од Вашата банка, тоа е дополнителна автентикација и показател дека трговецот и неговата веб страна се вклучени во 3D безбедносниот модел на е-трговија. 

Отворање на електронска продавница e навистина едноставен процес

При поставување на онлајн продавница освен самата фукнционалност на истата, потребно е да сте правно регистрирано лице и да се обратите во една од банките кои нудат услуги од областа на е-трговија. На вашата веб страна е потребно да имплементирате потрошувачка кошничка. Интеграцијата со системот на КаСис се прави брзо и едноставно, а нудиме и т.н. plugin за едноставно поврзување и отпочнување со работа. Воспоставување, објавување и примена на политика на приватност (Privacy Policy), политика на испорака (Shipping Policy) и политика на враќање на парични средства (Refund Policy). Клучните елементи на секој електронски бизнис, ако не и пресуден, претставува промоцијата и безбедноста на веб страната, и односот со потрошувачите.

Сета „хигиена на податоци” и грижа за приватноста и безбедноста при плаќање и купување во (условно кажано) реалниот, физички свет несомнено мора да се пресликаат и во виртуелниот свет во кој се повеќе домуваме. Без разлика на перспективата која ја имаме, дали пристапуваме кон процесот на е – трговија како купувач или како трговец, безбедноста и едукацијата за процесите, како и информираноста за местото каде секој може да побара совет, насока или помош, се клучен играч во овие времиња кои го забрзаа самиот процес на раст на овој тип на тргување.


Слично

Поврзани вести