Џорџ Формен сака да се тепа со „предавникот“ Стивен Сигал
Поранешниот боксерски шампион Џорџ Формен го предизвика актерот и мајстор за боречки вештини Стивен Сигал на легитимна тепачка која може да се одржи пред публика во Лас Вегас.

Главната причина поради која Формен му е лут на Сигал е бидејќи актерот се пресели во Русија каде доби и државјанство, стана голем поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин и често ја критикува американската влада за лошите политики.
Во овој период односите меѓу САД и Русија се влошени и потсетуваат на времињата од Студената војна кога двете светски сили беа големи непријатели.
Сигал беше акциона ѕвезда во 90-тите години, но одамна немал филмски хит и почна да снима евтини филмови во Источна Европа. Неговите политички ставови драстично се радикализираа и од американски патриот кој доброволно служеше како полициски шериф се претвори во гласноговорник на Путин, потег кој Американците не можат да го простат.
На Балканот Сигал се прочу со толкување на ликот Нико.
