Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државата ќе ги субвенционира системите капка по капка

Државата ќе ги субвенционира системите капка по капка

Предвидена е можност за 80% поддршка од државата за системи капка по капка и ископ на нови бунари.

Оваа мерка за земјоделците денеска ја најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Воспоставување на систем за наводнување и соодветно дозирање на водата овозможува зголемување на приносите кај неколку култури и тоа неколку пати.

„Целта на оваа мерка е зголемување на обработливите површини  под систем за наводнување за подобрување на квалитетот и приносите на земјоделското производство. Право да конкурираат ќе имаат физички лица на кои земјоделството им е примарна дејност, регистрирани земјоделци за производство на раноградинарски производи или за овоштарство. Понатаму, земјоделски компании или земјоделски задруги. Цел на набавка е опрема за воспоставување на систем за наводнување на садници, одгледување на раноградинарски култури, овоштарство или за наводнување на стакленичко или пластеничко производство. Преку мерката финансиски ќе се поддржат земјоделците и земјоделските стопанства за инсталирање на модерни системи за наводнување. Тоа ќе донесе сериозна заштеда“ - вели Груевски.

Цените  за инсталирање на систем капка по капка за површина од еден хектар за овошен насад чини 105.797 денари, за лозов насад 114.422 денари и за систем за наводнување на житни култури 123.000 денари.

Средствата за реализација  на наведените активности ќе бидат обезбедени преку програмата за рурален развој на земјоделството, а остатокот од средствата ќе ги обезбеди корисникот. Максималната површина за која ќе се  однесува поддршката ќе биде до 50 хектари.

Мерката треба да започне да се применува од јануари 2017 година. Апликациите ќе може да се доставуваат од октомври 2016 година и ќе се издвојуваат по минимум 3 милиони евра годишно, а по потреба износот ќе расте.

Слично

Поврзани вести