Доделени стипендиите „Борис Трајковски“ за школување во Меѓународното училиште „НОВА“
На официјалната церемонија, покрај претставници на семејствата на идните стипендисти, нивните наставници, како и учениците-добитници на оваа стипендија од претходните генерации, присуствуваше и г-ѓата Вилма Трајковска.
- Среќни сме што пред нас стојат млади и исклучително талентирани ученици кои ќе бидат носители на стипендијата „Борис Трајковски“ и воедно ќе претставуваат дел од мисијата и идејата на мојот сопруг дека младите и нивното образование се најважни двигатели на едно општество. Тој беше голем поддржувач и пријател на „Нова“ и по десет години, со задоволство можам да кажам дека би се гордеел со постигнувањата на учениците од изминатите генерации носители на оваа стипендија – изјави г-ѓата Трајковска.
Овие стипендисти исто така ќе бидат поддржани од фондацијата „Борис Трајковски“ и меѓународното училиште „Нова“ во текот на нивното школување активно да учествуваат во локални, регионални и меѓународни лидерски проекти и натпревари каде ќе имаат можност да ја претставуваат мисијата и визијата на училиштето и на фондацијата, но и на својата држава.
Програмата започна во 2005 година и досега ја завршија седум успешни генерации на матуранти, кои образованието го продолжија на врвни американски и европски универзитети.
