Доделени 286 стипендии за ученици Роми запишани во прво одделение во оваа учебна година
Вкупно 286 стипендии беа доделени на ученици Роми запишани во прво одделение во учебната 2019/2020 година во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „РЕДОВНО НА ЧАСОВИ: Акција за вклучување на Ромите во основното образование“.
Проектот е имплементиран од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со своите партнери Здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас и Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор.
На повикот за стипендирање пристигнаа вкупно 955 пријави. Право на стипендија имаа ученици Роми кои се запишани во прво одделение во учебната 2019/2020 година, чии семејства се приматели на социјална помош, која е поврзана со приходите на семејствата.
„Следејќи ги овие критериуми, стипендии се доделија на вкупно 286 ученици, од кои 55 отсто се девојчиња, а 45 отсто се момчиња. Стипендистите доаѓаат од 55 основни училишта од 27 општини. Преку стипендиите ќе се намали финансискиот трошок на ромските семејства поврзан со школувањето на нивните деца. Стипендијата се однесува на период од една учебна година, и е во висина од 400 евра годишно (во денарска противвредност). Наменета е за покривање на трошоците за школување на децата, храна, облека, училиштен прибор и материјали, спортска и друга опрема за воннаставните активности на децата, стои во соопштението.
Редовните ученици ќе можат да ја
задржат стипендијата за тековната година, a оние кои успешно ќе преминат во следното
одделение, потенцијално ќе можат да ја обноват за следните две учебни години.
