Диомидис Николетопулос: Стопанска банка Скопје е во најдобра кондиција - здрава, силна и профитабилна, со силен капацитет за заштита на интересите на депонентите
Стопанска банка АД – Скопје е име, бренд кое поврзува генерации, историски развојни проекти и 77 години зрачи со доверба, претставувајќи столб на економијата, но уште позначајно е дека сите овие години Банката е финансиски партнер на семејствата. Банката е во најдобра кондиција од кога било претходно – здрава, силна и профитабилна, со силен капацитет за заштита на интересите на депонентите како и интересите на сите вклучени страни.
Не го знаеме изворот на шпекулациите ниту нивната намера, тоа е во надлежност на други, државни органи, но мора да нагласиме дека сепак огромно мнозинство од граѓаните веруваат во банкарскиот систем, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје. Со години наназад, Стопанска банка е една од најдобрите, ако не и најуспешната Банка во државата. Дури и во година на пандемија и затворања, Банката постигна исклучителни резултати и одлична профитабилност. 2020 година ја заврши со позитивен резултат од 32 милиони евра, а овој тренд продолжува и годинава. Објавените резултати од првото тримесечје бележат 9 милиони евра добивка пред оданочување според меѓународни стандарди. Располага со најголемо кредитно портфолио од 1,2 милијарди евра, силна депозитна база од 1,4 милијарди евра и најголем банкарски капитал во земјата од речиси 300 милиони евра со кои адекватно се покриени сегашните и идните потреби за капитал на Банката, смета првиот човек на Стопанска банка АД – Скопје, Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор.
