Димовски на средба со претставници на винскиот сектор
Во рамки на подготвителните активности за претстојната откупна сезона на винското грозје, денеска министерот и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и Зоран Коњановски одржаа работна средба со претставниците на винскиот сектор од Република Македонија.
На средбата, како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, биле опфатени повеќе теми поврзани со досегашниот откуп на вискоквалитетните сорти на винско грозје, претстојниот откуп на винското грозје и организираноста на сите инволвирани страни во процесот на откупот, при што претставниците на винскиот сектор биле информирани за очекувањата и барањата на лозаропроизводителите, кои биле презентирани на последната средба со нив со посебен акцент на барањето на лозаропроизводителите за повисоки откупни цени на винското грозје во однос на ланската сезона, посебно за сортите смедеревка и вранец.
Во контекст на откупната цена, од претставниците на винскиот сектор била изразена подготвеност откупната цена за смедеревката со 17 шеќерни единици да изнесува 11 денари, а за вранецот со 19 шеќерни единици да изнесува 13 денари, со можност за прогресија на цената согласно шеќерните единици.
