Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДЕВЕТ ОПШТИНИ ЌЕ ДОБИЈАТ 558,000 УСД КАКО ДЕЛ ОД ШВАЈЦАРСКА ПРОГРАМА ЗА ЈАКНЕЊЕ НА ЛОКАЛНА ДЕМОКРАТИЈА

ДЕВЕТ ОПШТИНИ ЌЕ ДОБИЈАТ 558,000 УСД КАКО ДЕЛ ОД ШВАЈЦАРСКА ПРОГРАМА ЗА ЈАКНЕЊЕ НА ЛОКАЛНА ДЕМОКРАТИЈА

 По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата,  во Скопје се одржа работилница на која присуствуваа повеќе од 70 претседатели на општински совети и дискутираа за начините да се направи локалната власт по инклузивна, по транспарентна и отчетна.

На работилницата, организирана од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), беше објавен и јавниот повик за учество на општините во проектот Јакнење на општинските совети.

Со овој проект се веќе опфатени шест општини: Чаир, Охрид, Струмица, Свети Николе, Валандово и Велес. Уште 9 општини ќе бидат избрани преку компетитивен процес во ноември 2018, а во 2019 година ќе следуваат дополнителни 9 општини.

Општините кои ќе бидат избрани ќе добијат обука која што ќе им помогне на општинските советници поефективно да ги надгледуваат локалните буџети и подиректно да комуницираат со граѓаните при утврдување на приоритетите за трошење на буџетски средства на општината.

На овој начин, проектот има за цел да ја зајакне позицијата на општинските совети во демократско носење на одлуки на локално ниво, каде што, традиционално, градоначалниците имаат доминантна улога, и да осигура дека секој општински денар е потрошен мудро, ефикасно и транспарентно.

Општинските совети кои успешно ќе ја завршат обуката ќе добијат по 62,000 УСД за проекти од јавен интерес кои се утврдени како приоритетни од страна на граѓаните.

Јакнењето на општинските совети е проект финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, кој што ја отсликува долгорочната посветеност за унапредување на инклузивно, одговорно и отчетно владеење на локално ниво. Овој проект е и во согласност со Одржливите цели за развој кои што ги обврзуваат сите земји членки на ООН да обезбедат одговорно, инклузивно и партиципативно носење на одлуки на сите нивоа.

Изјавата на Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш по повод Меѓународниот ден на демократијата беше и повод за жива дискусија на денешната работилница: “Демократијата налага да се покаже поголема воздржаност од кога било”, со повик до целиот свет да се “зајакне демократијата” преку борба против нееднаквоста и залагање за постоење на политички системи кои ќе бидат поинклузивни, поиновативни и поотпорни на закани.

Слично

Поврзани вести