Економија, финансии, бизнис

Контакт

Даночната истрага на ЕУ против Apple е започната по сигнал од Сенатот на САД?

Даночната истрага на ЕУ против Apple е започната по сигнал од Сенатот на САД?

Даночната истрага на Европската унија (ЕУ) против Apple започна, откако американскиот Сенат испратил сигнал за практиките на производителот на iPhone, соопшти еврокомесарот за конкурентност Маргрете Вестагер, цитирана од Bloomberg.

Вестагер, која се соочува со критики од САД поради казната од 13 милијарди евра, која американската компанија треба да ја плати на Ирска за даночни измами, изјави денеска дека „историјата со истрагата на Apple започна во САД“, а не во Европа.

„На Американскиот Сенат му е грижа колку и нас да обезбеди дека компаниите плаќаат фер даноци“, рече таа во изјава во Копенхаген. „Токму нивната истрага против Apple, како и американските правила за транспарентност, ни сигнализира дека компанијата можеби добила државна помош“, додаде Вестагер.

Европската комисија (ЕК) одлучи минатиот месец дека Apple треба да му плати на Ирска 13 милијарди евра поради незаконско намалени даноци. Казната е дел од серија истраги против даночните дупки кои се користат од мултинационалните компании. Финалната сума за исплата може да достигне 19 милијарди долари, рекоа ирски претставници.

За време на сослушувањето од Постојаниот подкомитетот за истрагите на американскиот Сенат во 2013 година за прв пат станува јасно дека Apple ја намалил глобалната фискална сметка со десетици милијарди долари, користејќи серија од ирски подружници. ЕУ официјално започна истрага за даночните дела на Apple следната година кај претходникот на Вестагер.

Во одговор на наметнатата глоба од ЕУ министерот за финансии на САД Џејкоб Лу рече дека „не е соодветно“ за ЕУ ​​“во името на државната помош“ да “се узврти даночниот законик ретроактивно, со напади кон даночна база, која би требало да е американска бидејќи профитот е американски“.

Иако Лу не ја споменува директно истрагата на ЕУ против Apple, претседателот Барак Обама изјави оваа недела дека меѓународните даночни политики треба да бидат подобро координирани помеѓу страните, за да се избегнат проблеми.

„Секогаш постои опасност во случај дека еден од нас дејствува меѓународно, тоа да влијае на нашата способност да собираме даноци од истата компанија“, рече Обама на затворањето на самитот на Г20 во Хангжу, Кина. Ако една компанија плаќа на Европа, благајната на САД може „да биде измамена“, додаде тој.

Слично

Поврзани вести