Четврта правна меѓународна конференција „Управување со правни ризици: Правна етика и естетика“
Тргнувајќи од претпоставката дека предуслов за постигнување најдобра практика и успешен бизнис модел се втемелените високи етички и естетски начела, овогодишната, четврта по ред, меѓународна правна конференција „Управување со правни ризици“ се фокусира на правната етика и естетика. Не можеме да развиваме успешни деловни модели ако тие не се етички. Не можеме да достигнеме високи стандарди во професијата ако тие не се унифицирани на начин прифатлив за нашите клиенти или потрошувачи.
Невозможно е правните ризици да се разгледуваат изолирано од економските и од политичките ризици кои произлегуваат од актуелните состојби. За таа цел, Академик го покани Владимир Глигоров од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, кој ќе ја елаборира темата за политичките ризици и за нивното влијание врз економските текови. Познатиот адвокат од Чикаго, САД, Лука Мишетиќ ќе зборува за своите искуства во Хашкиот трибунал, односно за управувањето со правните ризици во случајот на хрватскиот генерал Анте Готовина.
Искуства поврзани со работата на компаниите и организацијата на настани, сместени во актуелниот балкански контекст, ќе споделатТеодорос Малфас, главен и извршен директор на „Мермерниот комбинат“ АД Прилеп, кој ќе говори за ризиците поврзани со инвестициите во балканскиот регион, вклучувајќи ја и актуелната економска ситуација во Грција; Џон Адамс од САД, кој ќе зборува за концептот на слободните економски зони, споделувајќи го своето искуство и својот придонес во таа област во Македонија; Слободанка Гиевска од „Македонски телеком“ АД, која ќе зборува за управувањето со правните и други ризици во процесот на спојување на компании, со посебен осврт на случајот со „Македонски телеком“; Предраг Константиновиќ од Србија, кој ќе ги сподели своите искуства околу правната организација и управувањето со ризиците на еден од најголемите музички фестивали во Европа, фестивалот „Егзит“; Горан Јерас, претставник на првата eтичка банка со седиште во Осиек, кој ќе говори за предизвиците во основањето на банката и нејзините идни планови.
Еден сегмент од конференцијата дизајниравме специјално за адвокатите и адвокатските друштва кои ќе имаат можност да го слушнат највлијателниот бугарски адвокат за деловно право, Борислав Бојанов, кој ќе говори за транспарентните тајни на адвокатскиот бизнис и за предусловите за креирање успешен адвокатски бизнис, како и да го слушнат Рид Мекафри, кој ќе зборува за меѓународната арбитража и за етичките стандарди потребни при процена на можниот исход и при застапувањето во предметите.
Голем предизвик за нас е да иницираме дебата за визуелизација на правото, што е еден од светските трендови во правната наука. За таа цел, професорката од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Скопје, Сузана Лошковска, ќе го пренесе своето знаење во врска со визуелизациите и можните примени во правото, а Александра Девендра од САД ќе ги сподели своите искуства од примената на разните естетски модели во правото.
Академик ве поканува на Четвртата меѓународна правна конференција, верувајќи дека континуираното образование е еден од највисоките приоритети на секој професионалец. Тргнувајќи од оваа констатација, веруваме дека учеството на оваа конференција, покрај споделување знаења, искуства, мислења, методологии, концепти и сл., значи и можност за професионално поврзување со правниците од Македонија, од регионот и пошироко.
Академик Ве поканува на Четвртата меѓународна правна конференција верувајќи дека континуираното образование еден од врвните приоритети на секој професионалец. Тргнувајќи од оваа констатација, веруваме дека учеството на оваа конференција покрај споделување на знаења, искуства, мислења, методологии, концепти и сл., значи и единствена можност за професионално поврзување (т.н. proffesional networking) со правниците од Македонија, регионот и пошироко.
Цената за учество на конференцијата е 9.800 денари + 18% ДДВ. Во цената е вклучено: акредитација за едно лице, симултан превод од македонски на англиски јазик и обратно, кафе и освежителни пијалаци за време на паузите, ручек, материјали и сертификат за учество на конференцијата.
