Честитка од премиерот Никола Груевски по повод христијанскиот празник – Успение на Пресвета Богородица
По повод денешниот голем празник Успение на Пресвета БогородицаПремиерот Никола Груевски упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.
„Дозволете ми Вам лично, на членовите на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и на сите православни верници од Македонија и дијаспората, од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот христијански празник - Успение на Пресвета Богородица.
Денес, празнувајќи го овој празник, да се потсетиме на добрината, кроткоста и трпеливоста на Пресвета Богородица, да си споменеме за нејзината љубов и мајчинска грижа, но и да се потсетиме на нашите мајки, на нашите родители, на нашите постари. Како што Христос ја имал блиску при себе својата Мајка, така и ние да ги имаме за блиски нашите родители.
Нека Пресвета Богородица биде наша водилка, наша поткрепа, нека подари здравје и љубов во сечие семејство“, стои во честитката од Премиерот!
Исто така, Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски упати честитка до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед, по повод христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица.
„Денешниот христијански празник на Успение на Пресвета Богородица, нека ни биде потсетник и пример за нејзината големина и улогата на секоја жена во нашите семејства. Нејзината чистината, љубовта и посветеноста на Бога, се христијанските вредности кои се почитувани од сите верници. Во Македонија, мајката Божја е длабоко вкоренета во верувањето за нејзината милост и благодет, како и почитувана за чувар и закрилник на сите жени, мајки и христијани воопшто. Како христијани треба да сме насочени кон праведноста и добрината, да научиме да простуваме, да бидеме хумани и да споделуваме радост, но и да ги почитуваме највисоките морални вредности. Искрено да веруваме во нашата сплотеност и да сме цврсто обединети во нашите цели за промовирање на православните христијански вредности како и чување на духовното и културното наследство. Потребно е сите заедно да работиме за подобра иднина на секој поединец, како и нашата држава Република Македонија. На сите православни верници од Македонија и светот им посакувам празникот да го поминат во духовен мир, исполнети со многу здравје, среќа и бериќет во секој дом, се наведува во честитката од претседателот на Собранието на РМ“ , Трајко Вељаноски.