Чаре за зголемените царини денес ќе се бара директно во Косово
Во Приштина денес ќе се оди по решение за косовските царини.
Министерот за економија Крешник Бектеши патува на средба со косовскиот колега Бајрам Хасани а според најавите ќе разговаараат за зголемените царини на овошјето и зеленчукот што Косово ги воведе на 18 јули годинава.
Бектеши кажа дека е убеден во заедничката цел на двете земји, а тоа е олеснување на трговијата на Западен Балкан, согласно правилата на ЦЕФТА Договорот и принципите на слободна трговија.
Косовската Влада делумно ја повлече времената мерка, но со неа останаа опфатени доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето, на кои отпаѓа најголемиот дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар.
Македонија, како што соопшти вчера Министерството за земјоделство, засега не планира воведување контра - мерки, но очекува Косово целосно да ги укине зголемените царини.
