ЧАДЕЖ И АЗЕСКИ ИЗБРАНИ НА ЧЕЛО НА КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ СО СЕДИШТЕ ВО ТРСТ ВО НАРЕДНИТЕ ЧЕТИРИ ГОДИНИ
Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, е избран за претседател, а претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, е избран за заменик-претседател на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ) со седиште во Трст, со четиригодишен мандат.
Коморскиот инвестициски форум е основан во 2015 година, како резултат на имплементацијата на Заклучоците од „Берлинскиот процес“, кој започна под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, преку јакнењето на регионалната соработка, во насока на активно вклучување на националните стопански комори во реализацијата на конкретните цели од овој процес. Во јули 2017 година, за време на Самитот за Западен Балкан кој се одржа во Трст, Коморскиот инвестициски форум основаше Генерален секретаријат со седиште во Трст, Италија, а од крајот на годинава, планирано е да биде отворено и оперативно седиште на Коморскиот инвестициски форум во Подгорица, Црна Гора.
Коморскиот инвестициски форум има за цел да овозможи поефикасно вклучување на бизнис заедницата од регионот во имплементацијата на проектите кои се од важност за економскиот просперитет на регионот.
Овој избор на двоецот Чадеж - Азески е нов предизвик и нова можност да се разигра регионалниот пазар и со тоа да им се помогне на компаниите да ги искористат можностите и средствата предвидени во рамките на „Берлинскиот процес“. Македонските компании со ова добиваат нова можност да се вклучат во проектите на Европската унија кои се поврзани со заедничкиот настап на трети пазари, за создавање регионални синџири на производство и забрзување на протокот на стоки и услуги, прашања кои до сега беа сериозен проблем за зголемување на трговската размена.
После извршувањето на функцијата претседател на Асоцијацијата на балканските комори, ова е нов предизвик за претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, како добар познавач на балканските економски прилики, да отвори перспективи за нашите компании надвор од македонскиот пазар.
