Економија, финансии, бизнис

Контакт

Брегу: Невработеноста кај младите на Западен Балкан е двојно поголема од ЕУ

Брегу: Невработеноста кај младите на Западен Балкан е двојно поголема од ЕУ

Невработеноста кај младите на Западен Балкан изнесува 35.1 отсто, додека во земјите од Европската унија 16.9 отсто, изјави денеска генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), Мајлинда Брегу

Зборувајќи на конференцијата „Дајте им шанса на младите“, Брегу ја претстави Студијата за невработеноста на младите на Западен Балкан, која ги опфаќа вкупните бројки, но и во посебни апстракти состојбите во секоја од шесте земји поединечно.

Според студијата, бројките одразуваат и значајни разлики во однос на родовото вработување, зашто од вработените млади, бројот на жените изнесува 14.5 отсто, додека кај мажите тој број е 24.8 отсто.

За да се сменат работите треба да се искористи „Гаранцијата за млади за Западен Балкан“, според истоимената програма на ЕУ, кој им помогна на милиони млади европјани да се вработат, додаде Брегу.

Генералниот директор на Канцеларијата за вработување на Европската комисија Жорди Курел, потврди дека ЕУ е подготвена да ги поддржи  вработувањата на младите преку шемата Гаранција за младите во регионот, користејќи ги фондовите од Инструментите за претпристапна помош – ИПА.

Конференцијата и студијата што беше претставена се спроведуваат во рамките на проектот Платформа за вработување и социјални прашања ЕСАП 2, под покровителстов на РСС и со финансиска помош од ЕУ.

На денешната конференција, како што соопшти РСС, учествуваа претставници на младински организации од Западен Балкан, претставници на министерствата за труд и социјални политики од шесте земји во регионов, претставници на Меѓународната организација на трудот ИЛО и Европската организација за обуки ЕТФ.

Слично

Поврзани вести