Економија, финансии, бизнис

Контакт

Болеста син јазик се шири, добиточните пазари остануваат затворени

Болеста син јазик се шири, добиточните пазари остануваат затворени

Добиточните пазари остануваат под клуч, болеста син јазик кај добитокот продолжува да се шири. Според последните податоци од Агенцијата за храна и ветеринарство, заклучно со вчерашниот ден регистрирани се дури 197 жаришта во 21 општина во земјава. Паралелно се зголемува и бројот на заразен добиток и досега заболени се 1.920 овци, 36 кози и 14 говеда. Од  болеста досега угинале најмногу овци 348 и 10 говеда, кај козите нема смртни случаеви. Надлежните велат дека ваквата ситуација била очекувана, но смируваат дека се превземаат сите потребни мерки за справување со болеста.

- Состојбата е очекувана, ние знаевме уште од првиот ден дека болеста ќе се шири. Добиточните пазари ќе останат затворени се додека не се повлече векторот односно преносителот тоа се мушичките. Во оној момент кога ќе се намали бројот на жаришта и кога ќе утвриме  дека нема нови случаи со клиничка слика, треба да помине одреден временски период за да бидеме сигурни дека вирусот не циркулира но и дека се намалува цирклуацијата на преносителот во природата, тогаш ќе бидат отворени и пазарите. Инаку животниот век на преносителот, мушичките се намалува некаде во октомври, но таа проценка ќе ја направиме тогаш согласно состојбата на терен. Ние секој ден ја следиме состојбата, се следи секое жариште дали се шири болеста или не. Нашите инспектори се постојано на терен. Ние ги превземаме сите мерки за намалување на бројот на жаришта и нови заразени животни, вели Абдулезел Догани, заменик директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во меѓувреме докторите по ветринарна медицина апелираат фармерите да ги применуваат препораките на ветеринарите за заболените животни да одржуваат високи гигиенски услови во фармите.

- Оваа болест е секако штетна за животните , но не како шапот и лигавката, значи не е некој многу страшна болест за животните и за луѓето.Она што е најважно вирусот не се пренесува кај луѓето. Превентивните мерки за справување со овој вирус се пред се кај сопствениците. Вирусот не може да се уништи, но постои т.н симптоматска терапија која вообичаено ветеринарите ја даваат и која можат сточарите да ја побараат. Но самите сопственици на фармите треба редовно да ги чистат фармите зада не се задржуваат инсекти, потоа да вршат дезинсекција на самите штали и нанесување на т.н репиленти кои ги одбиваат мушичките да не дојдат до животното. Кај нас има фармери кои ги применуваат овие препораки но има и такви кои не ги применуваат, сепак тоа до самите сточари, ако не сака да му заболат животните ќе ги применува, ако не тогаш штетата е на сточарите ,животното ќе заболи и ќе има помала продукција, вели професор д-р Славчо Мреношки од Факултетот за ветеринарна медицина.

Болеста син јазик кај животните предизвикува зголемена телесна температура, намалена млечност но и смртност. Според истражувањата смртноста во светски рамки се движи од 3 до 4 отсто. Вирусот не се пренесува од животно на животно, од животно на човек ниту пак на крајните производи како млекото и месото. Главен преносител се мушички слични на комраци.

Дали болеста ќе се спречеше ако навреме се прскаше против инсекти?

 

Дел од експертите уште кога се појави болеста посочија дека вирусот можеби немаше да се појави или пак немаше да земе толкав замав ако општините навреме прскаа против комарци и мушички.

Оваа болест ја немаше кај нас подолго време, во моментов ја има во Бугарија,  и сега и кај нас ја имаме Струмичкиот и Беровскиот регион. Ситуацијата секако е алармантна.Тоа е вирусна болест која се пренесува од еден комарец, не се пренесува од животно на животно ниту од животно на човек и не е опасна за луѓето. Доколку имаше навреме третирање со одредени прашоци и прскање против комарци немаше да се појави болеста. Ако тие превентивни мерки навреме не се направат вирусот се шири и покрај тоа што добиточните пазари пазари се затворени,  се поставува прашањето што со комарците и мушичките,  тие не може да се спречат. Ние треба да делуваме во изворот,  треба да се спречи а не да се лечи, вели проф.д-р Ѓоко Буневски од Катедрата за сточасртво при Факултетот за земјоделски науки и храна

Годинава поради обилните дождови имаше идеална полога за развој на овие мушички , велат експертите. Но сепак дел од експертите пак велат дека и доколку навреме се прскало болеста сепак ќе се појавела.

Прскањето е насочени пред се насочено кон комарците, но сепак тие средства кои делуваат кај комарците делуваат и кај овие мушички. Но и да имаше прксање како што треба болеста повотрно ќе ја имаше, затоа што болеста прво беше регистрирана во Бугарија и Грција, и ветровите и нормалното преместување на мушичките од тие држави кај нас ќе го донесеа вирусот секако, вели професорот Мреношки.

Но во мај годинава дел од општините сооштија дека немаат пари за спроведување на редовното прскање против комарци и мушички. Од АХВ велат дека пред две недели испратиле допис до ЗЕЛС, односно до градоначалниците, прксањето против комраците што се планирано за средината на спетември да го извршат порано за да помогнат во намалувањето на преносителите.

- Општините да ја извршат дезинсекцијата порано или да ги зачестат програмите и да ги исполнат и засилат. Не дека тоа ге го спречи ширењето на болеста но нас ќе ни помогне оти сепак опфаќа поголем терен од нашата дезинсекција. Ние одиме со таргетирана дезинсекција во делот каде што има жаришта и околу нив, ние како институција не можеме да покриваме цел простор, вели Догани.

Инаку вирусот син јазик кај добитокот последен во земјава бил регистриран пред 13 години. Експертите велат не може со сигурност да се трвди дека болеста нема да се појави и следната година, но тогаш животните ќе имаат веќе имунитетет и полесно ќе го прележат вирусот, освен ако не дојдат друг вид на мушички. Сепак најголема штета ќе претрпат сточарите, кои ќе се соочат со намаленопроизводство или  угинување на животните.

С.Т

Слично

Поврзани вести