БОГАТСТВОТО МУ СЕ ТОПИ: Ворен Бафет веќе не е четвртиот богаташ во светот
Инвеститорот Ворен Бафет слезе од четвртата позиција меѓу најбогатите луѓе во светот, по скандалот со измама во водечката американска банка „Wells Fargo“, информира денеска „Forbes“, цитиран од светските агенции.
Основачот на „Amazon“ Џеф Безос го зазел третото место со 65,8 млрд.долари, според класификацијата на списанието. Изданието проценува дека Бафет изгубил 1,3 млрд.долара од „Wells Fargo“, со што неговата состојба се намалила до 65,5 млрд.долара.
На врвот на листата е креаторот на „Microsoft“, Бил Гејтс, чие богатство се проценува на 79,1 милијарди долари. Втор е шпанскиот моден магнат Амансио Ортега, чиј е синџирот на облека Zara, со 76,9 млрд.долари.
Акциите на „Wells Fargo“ поевтинија со речиси 6% во последните пет дена. Инвестицискиот концерн „Berkshire Hathaway“ на Ворен Бафет има 10 проценти удел во банкарскиот гигант. Лично легендарниот инвеститор држи околу 2 милиони акции.
Неодамна „Wells Fargo“ прифати да плати казна од 185 милиони долари, наметната од американските власти, откако вработените на банката признаа дека отворале сметки без дозвола под притисок да се зголеми продажбата. Уште 5 милиони долари ќе одат кај клиенти погодени од нелегалната практика.
Според весникот „Wall Street Journal“ е вмешано и Министерството за правда на САД.
Весникот, соопшти дека за случајот се води истрага, иницирана од обвинителството во државите Њујорк и Калифорнија. Потоа властите ќе одлучат дали да започнат постапка.
Во последните неколку години вработени на „Wells Fargo“ откриле без знаење на клиентите над 2 милиони сметки врзани со кредитни картички.
